Нов закон во Белгија: Вработените може да бидат недостапни по завршувањето на работното време

Фото Архива на СП

Државните службеници во Белгија нема да мораат да враќаат на пораки, повици и мејлови надвор од работното време. Ова е предвидено во новиот закон, за кого Владата смета дека ќе им помогне на луѓето да уживаат повеќе во слободното време, пишува Гардијан.

Законот, кој стапува на сила од вторник (01.02.2022), им дозволува на повеќе од 65 илјади федерални службеници да се недостапни за било какви информации поврзани со нивната работа, по завршувањето на нивната смена.

Владата на Белгија размислува да ги прошири правата и за вработените во приватниот сектор.

Петра Де Сутер, министерката за јавна администрација на Белгија, вели дека законот бил неопходен во борбата на вработените со притисокот дека секогаш треба да се достапни.

Ваквата одлука на Владата беше поттикната откако од почетокот на пандемијата, поголем број од вработените работеа од дома, што предизвика поголеми промени во секојдневните активности на луѓето.

Во неодамнешна анкета околу работењето од дома, бројките покажаа дека секој четврти Белгиец (40% од нив со менаџерски функции), изјавил дека би продолжил да работи од дома и по завршувањето на пандемијата.

„Без правото на луѓето да станат недостапни, нивниот стрес само ќе се зголемува“ вели Де Сутер.

Продолжени викенди

Владата на Белгија размислува и за воведување на 4-дневна работна недела, со од 38 до 40 работни часа, што би значело дека ќе има поголеми работни денови, но и продолжени викенди.

Белгија со ова го следи трендот низ неколку европски земји.

Така на пример, Фолксваген во Германија уште од 2012 година им дозволи на вработените да не враќаат на мејлови по завршувањето на нивната смена.

Во Франција, чувството дека треба да се постигне поинаков баланс помеѓу работата и животот беше претворен во акција во 2017 година, кога од организациите со повеќе од 50 работници се бараше да започнат преговори за дефинирање на правата на вработените да ги игнорираат телефоните и лаптопите на нивната компанија.

Португалија отиде чекор подалеку откако минатата година одобри законска регулатива според која работодавците со повеќе од 10 вработени може да бидат подложени на парични казни доколку испратат пораки, повици или мејлови до работниците кои не се на работа. Компаниите мора да помогнат во плаќањето на трошоците направени од работата од дома.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот