„Нокиа“ го менува своето лого за прв пат по речиси 60 години
Финскиот производител на опрема за 5Г „Нокиа“ го менува идентитетот на брендот за прв пат по речиси 60 години и воведува ново лого. Така, компанијата, која произведува телекомуникациска опрема, се фокусира на агресивен раст.
Целта на новиот изглед е да ги спречи луѓето да го поврзуваат со мобилни телефони, бизнис што компанијата го напушти пред речиси една деценија. Новото лого се состои од пет различни форми кои го формираат зборот „Нокиа“.
Иконската сина боја на старото лого е напуштена и заменета со различни бои во зависност од употребата, пренесува Ројтерс.
„Во главите на повеќето луѓе, ние сè уште сме успешен бренд на мобилни телефони, но тоа не е целта на Нокиа“, изјави извршниот директор Пека Лундмарк за Блумберг.
Телефоните со брендот Нокиа сè уште ги продава ХМД Глобал Oy. ХМД ја доби лиценцата откако Mајкрософт Корп, која го купи бизнисот во 2014 година, престана да го користи името. Според Лундмарк, Нокиа ќе се фокусира и на опслужување на давателите на безжични услуги со мрежна опрема. Ова беше помогнато со ограничувањата наметнати на кинескиот конкурент Хуавеј Технолоџис Ко, откако голем број европски влади ја блокираа компанијата да продава делови за 5Г мрежи.