Низок е прагот на толеранција за изборниот праг

Фото: МИА

Попуштање Власта би го спуштила прагот ако тој важи за излезените гласачи на избори, а не за вкупниот број гласачи, што, пак, за помалите партии е неприфатливо. Помалите партии што бараат промена, од прва го отфрлија предлогот за пет отсто изборен праг, но оставаат простор за разговори.

Се подготвува ли терен за промена на изборниот модел, односно на претстојните парламентарни избори Македонија, наместо да е поделена на шест, да биде една изборна единица со изборен праг што допрва ќе треба да се утврди или, пак, ова е обид на СДСМ и ДУИ да го стивнат незадоволството кај помалите коалициски партнери и да ја сочуваат компактноста на владината коалиција?

По најавата на ДОМ дека во јуни ќе излезе од Владата, очекувањата се дека претседателот на Собранието Талат Џафери ќе го извади од фиока предлог-законот на помалите партии за една изборна единица, но без навестување за можен епилог. Според информации на „Слободен печат“ од власта, тешко дека ќе се постигне консензус и за изборниот модел и за прагот бидејќи власта би го спуштила прагот ако тој важи за излезените гласачи на избори, а не за вкупниот број гласачи што пак, за помалите партии е неприфатливо.

По високиот изборен праг од пет отсто, кој го понуди партијата на Али Ахмети, како услов за промена на изборниот модел, од ДУИ во изјава за „Слободен печат“ велат дека „се подготвени да разговараат за предлогот на премиерот Димитар Ковачевски за изборниот модел“.

Ковачевски на брифинг со новинари рече дека СДСМ е првата партија што застанала зад тој предлог.

„Го поддржувам предлогот за една изборна единица, но со отворени листи. Изборен праг мора да има, зашто во спротивно може да ни се случи деловни заедници да ни кандидираат пратеници и да тераат бизнис интереси, а парламентот да стане Стопанска комора. Предложен е изборен праг од пет проценти, но интересни бројки се и три проценти и 4,5 проценти“, рече премиерот.

Помалите партии кои бараат промена на изборниот модел и кои од прва го отфрлија предлогот за пет отсто изборен праг, по изјавата на премиерот велат дека е важно нивниот закон да се откочи во Собранието и оставаат простор за разговори за изборниот праг.

„Бараме да продолжи расправата за нашиот предлог-закон во Собранието и да се организира јавна дискусија за промена на изборниот модел. Нашиот предлог е една изборна единица без праг, но отворени сме за разговори. Треба да се направи симулација и да се види дали и колкав праг би одговарал“ вели претседателката на ДОМ и пратеничка Маја Морачанин.

Таа не се согласува со ставот на премиерот дека праг мора да има и дека тој би бил брана деловни групации преку свои пратеници да остваруваат бизнис интереси во Собранието. Според Морачанин, има држави кои иако имаат висок праг во парламентите, влегуваат пратеници бизнисмени, како и претставници од шоу-бизнисот. Таа повторува дека за ДОМ се прифатливи отворени листи, но не сака да прејудицира која би била горната граница за изборниот праг.

И претседателката на ЛДП и пратеничка Моника Зајкова вели дека треба да се направи проценка за висината на изборниот праг.

„Ние кажавме дека праг од пет отсто е неприфатлив. Ако СДСМ и ДУИ имаат некој договор, нас за тоа не нè консултирале, ако веќе имаат договор, нека им е со среќа, но за нас тоа е неприфатливо. Праг од 4 или 5 отсто апсолутно е неприфатлив. Идеално би било ако се договориме за праг од два отсто, но може да се разговара за праг меѓу 2,5 и 3 отсто“, вели Зајкова и додава дека за ЛДП е прифатливо да се оди со отворени листи.

Пратеникот од ВМРО-Народна Љупчо Балковски вели дека добро е што има промена на позициите кај поголемите партии, односно дека сега сите се за една изборна единица.

„Тогаш да разговараме за цензусот и ДУИ да попушти и на парламентарните избори да одиме без изборен праг. Ние сме најоштетената партија од изборните циклуси, бидејќи ни се случуваше да имаме освоени 30.000 и 27.000 гласа и да немаме пратеник. Сметам дека не треба да се пазариме за проценти, туку стручњаци за изборна регулатива треба да кажат како партиите треба да бидат застапени самостојно во Собранието. Првично треба на сите партии да им се даде еднаква можност, а дури на наредните избори да има праг“, вели Балковски.

Претседателот на ДС и пратеник Павле Трајанов, кој неодамна ја напушти владината коалиција, вели дека најбитно е СДСМ да го деблокира законот во Собранието и да не се затскрива зад ДУИ. И тој смета дека на избори треба да се формира природен праг.

„Ќе разговараме за изборниот праг, прифатлив би бил 2 проценти. Ако прагот е три, четири или пет отсто, тоа повторно е авторитарен систем. Не верувам дека некои познати бизнисмени би се кандидирале за пратеници и луѓето би ги поддржале. Тоа е само лош изговор на Ковачевски и рачка да се фатат за да го одбијат предлогот за една изборна единица“, вели Трајанов.

За неизвесноста дали пред претстојните парламентарни избори е можна промена на изборниот модел придонесуваат и позициите од кои барем засега не отстапуваат владејачката Алијанса за Албанците која предлага осум изборни единици и опозициската Беса која е за три изборни единици.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот