Независната држава Бетонистан

милорад стојмановски
Милорад Стојмановски / Фото: Слободен печат

Не запира нападот врз нашите крвни садови и бронхии од стрвните малтерџии, кои ја бетонираат својата моќ со рушвет-политиката како константа на сите досегашни власти. Функционираат како држава во држава.

Становите стануваат цврста валута, велат експерти, коментирајќи го вртоглавиот раст на цената на квадратен метар во централното подрачје на Скопје, која достигна од 1.700 до 2.000 евра. Нешто слично се случува и во Охрид, втората голема цел на градежниците, но и во сите урбани средини низ земјава.

Побарувачката по станови дополнително е зголемена поради стравот од инфлација, па голем дел од граѓаните своите заштеди ги конвертираат во станови. Податоците на Народната банка покажуваат дека во првото тримесечје од 2022 година цените на становите скокнале за рекордни 12,4 отсто. Само лани за Скопје биле издадени 1.414 одобренија за градба, пред сè, во високоградбата, што е рекорден број во последната деценија. Иако повеќе од една третина од становите во Македонија се празни. Пазарот е хаотичен, но празните станови допрва ќе станат проблем: скокна даночната стапка за недвижен имот што не се користи, поскапува одржувањето, растат режиските трошоци.

Зошто продолжува експанзионистичкото градење што почна со „стратегијата“ на Груевски од 2008 година, според која оваа дејност требаше да ја амортизира светската хипотекарна криза (!?). Зошто ниедна власт досега не застана цврсто пред градежно-урбанистичката мафија? Одговорот е едноставен – поради митото што во земјава добива митолошки размери.

Урбанизмот и градежништвото се најподложни на корупција, заклучија учесниците во завчерашната дебата, организирана од Коалицијата „Сите за правично судење“. Анкетите покажуваат дека граѓаните најмногу корупција гледаат во издавањето градежни дозволи, во инспекциските надзори, во подготовката на деталните урбанистички планови (ДУП) и во јавните набавки поврзани со тој синџир.

Некогаш причините се и објективни. Несоодветната поделба меѓу централната и локалната власт на парите собрани од даноци, но и партиската превработеност во општините на некој начин ги принудуваат локалните самоуправи да се претвораат во шалтер за удирање печати на градежни дозволи, кои подоцна произведуваат уплатници за данок на имот. Училиштата и градинките, детските и спортски игралишта, тревниците и парковите не го полнат општинскиот буџет. Како последица, наместо воздух дишеме издувни и гасови од бензински пумпи, сонцето ни го одземаат згради со фотоволтаици, а погледот кон хоризонтот и во иднина ќе ни го затскрива бесперспективноста на ваквата политика. Сивило што не го покриваат ниту живописните бои на фасадите.

Ако привремени мораториуми за градба и поединечни случаи на враќање на ДУП-ови ни даваа лажна надеж, и таа гасне со секој нов административен упад во нашето нормално градско живеење. Последниот таков е „протнувањето“ на измените на Правилникот за урбанистичко планирање, со кои општините, и да сакаат не можат да ревидираат спорни ДУП-ови со зголемување на простор од јавен интерес на сметка на бетонски грдотии. Членот 5 од Правилникот предвидува еднаш утврдениот со ДУП „процент на изграденост“ да не може да се намали поради т.н. стекнато право. Во тој корумпиран темен вилает стекнатите права на инвеститорите се поважни од правата на граѓаните за здрава животна средина и достоинствен живот. Правилникот е донесен во спротивност со законите за урбанистичко планирање, за урбано зеленило, па и со Уставот, велат екологистите. Но, тоа не е аргумент за „сложните попови што и во петок мрсат“, односно за пратениците што речиси со консензус ги носат овие закони.

Луѓе без интегритет од вториот и од третиот партиски ешалон, функционери со скриен имот и фирми на туѓо име, судии што не казнуваат, инспектори мераклии на софри, планерски куќи што изготвуваат ДУП-ови за еден денар, сите го билдаат урбанистичкиот хаос околу нас. Во исто време кога партиите демагошки вреват за зелени агенди.

Во социјализмот имаше акција „имаш куќа, врати стан“. Денес акцијата „имаш трошна куќарка, ќари си два-три стана во зградата што ќе никне на местото на куќарката“ е темелот на градежната експанзија цврст како бетон. Зад тарабите се кријат недопирливи центри на моќ, кои се над законот и поредокот. Поради тоа и не запира нападот врз нашите крвни садови и бронхии од стрвните малтерџии кои ја бетонираат својата моќ со рушвет-политиката како константа на сите досегашни власти. Функционираат како држава во држава. Независната држава Бетонистан!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот