Невролог објаснува: Еве како да го контролирате апетитот за време на празниците

Фото: Pexels/Nicole Michalou

Науката која стои зад нашите навики во исхраната открива дека процесот на одлучување што, кога и колку да јадеме е многу покомплексен од потребата на нашето тело за дополнително „гориво“, пишува „Конверзејшон“.

Знаците за глад се само дел од загатката зошто луѓето избираат да јадат. Проф. д-р Алекс Џонсон, бихејвиорален невролог на Универзитетот во Мичиген кој ја проучува психологијата и биологијата зад нашето однесување во исхраната, вели дека e фасциниран од тоа колку искуството на мозокот со храната ја обликува потребата за храна.

Па, како одлучуваме кога да јадеме?

Кога јадеме „со очи“

Визуелните знаци поврзани со храната го обликуваат нашето однесување во исхраната и кај луѓето и кај животните. На пример, ако храната е завиткана во пакување на „Мекдоналдс“, тоа е доволно за да им биде повкусно на малите деца – од пилешки прсти до моркови. Визуелните знаци поврзани со храната, како што се светлосните ефекти кога се става храна, исто така предизвикуваат животните да се прејадат и да ги надминат нивните потреби за енергија.

Всушност, цела низа сетилни стимуланси – звуци, мириси и текстури – може да се поврзат со пријатноста и да влијаат на одлуките поврзани со храната, забележува проф. Џонсон. Затоа, кога ќе слушнеме привлечен џингл на радио за бренд за храна, кога ќе видиме телевизиска реклама за ресторан или ќе поминеме покрај слаткарница – сето тоа може да влијае на нашата одлука да јадеме и, честопати, да претераме со таа храна.

Сепак, не се само стимулансите од надворешниот свет кои влијаат на нашиот однос кон храната, туку и внатрешниот модел на нашето тело. Со други зборови, нашиот стомак и мозок исто така влијаат на нашиот апетит. Овие внатрешни сигнали, исто така наречени интероцептивни знаци, вклучуваат чувство на глад и ситост што произлегуваат од нашиот гастроинтестинален тракт. Се разбира, има смисла дека сигналите од нашите црева ни кажуваат кога да јадеме, но улогата на овие сигнали е покомплицирана отколку што мислиме.

Верувајте му на стомакот

Чувството на глад или ситост делуваат како важни интероцептивни знаци кои влијаат на одлучувањето за храната.

За да испитаат како интероцептивните состојби го обликуваат однесувањето во исхраната, истражувачите тренирале лабораториски глувци да го поврзат чувството на глад или ситост со тоа дали добиле храна или не.

Тие го направиле тоа така што им давале храна на глувците само кога биле гладни или сити, па глувите биле принудени да ги препознаат тие внатрешни знаци за да пресметаат дали храната ќе им биде достапна или не. Ако глушецот бил научен да очекува храна само кога е гладен, тој генерално го избегнувал делот од кафезот каде што му е храната кога се чувствувал сито.

Меѓутоа, кога на глувците им бил вбризгуван хормонот грелин што предизвикува глад, тие почесто се приближувале до местото каде што им била храната. Ова покажа дека глувците ја користеле оваа вештачки предизвикана состојба на глад како интероцептивен знак за да ја предвидат испораката на храна и последователно се однесувале како да очекуваат храна.

Интероцептивните состојби се доволни за обликување на однесувањето дури и во отсуство на надворешните дразби. Еден особено впечатлив пример бил забележан кај глувците кои биле генетски модифицирани да не можат да ја вкусат храната, но сепак покажувале склоност кон одреден вид храна исклучиво врз основа на калориската содржина. Со други зборови, глодарите можат да користат внатрешни знаци за да донесат одлуки за храната, вклучително и кога и каде да јадат и каква храна претпочитаат.

Овие наоди, исто така, сугерираат дека чувството на глад и откривањето на хранливи материи не се ограничени само на желудникот. Тие исто така вклучуваат мозочни области важни за регулација и хомеостаза, како што е латералниот хипоталамус, како и мозочните центри вклучени во учењето и меморијата, како што е хипокампусот.

Што се случува во вагусот?

Биохемиската врска помеѓу стомакот и мозокот го обликува однесувањето во исхраната на многу начини. Еден од нив го вклучува вагусниот нерв, кранијален нерв кој помага во контролата на дигестивниот тракт, меѓу другото.

Вагусниот нерв брзо пренесува информации за хранливите материи до мозокот. Активирањето на вагусниот нерв може да предизвика чувство на задоволство, така што глувците, на пример, често ги залепуваат своите муцки низ дупката за хранење за да го стимулираат. Исто така, глувците научиле да претпочитаат одредена храна и места со кои доаѓало до стимулација на вагусниот нерв.

Овој нерв игра суштинска улога не само во пренесувањето на дигестивните сигнали, туку и во голем број други интероцептивни сигнали кои можат да влијаат на тоа како се чувствуваме и се однесуваме. Кај луѓето, стимулацијата на вагалниот нерв може да го подобри учењето и меморијата и може да се користи во третманот на тешка депресија.

Придобивките од интероцептивната свест

Способноста на нашето тело да користи надворешни и внатрешни сигнали за да ги регулира одлуките за јадење ги истакнува импресивните процеси вклучени во регулирањето на нашите енергетски потреби.

Лошата интероцептивна свест е поврзана со низа дисфункционални однесувања, како што се нарушувања во исхраната. На пример, анорексијата може да се појави кога интероцептивните сигнали, како што е чувството на глад, не можат да предизвикаат мотивација за јадење. Алтернативно, неможноста да се користи ситост за да се ублажат корисните и пријатни последици од јадењето вкусна храна може да доведе до прејадување.

Интероцептивните сигнали играат важна улога во регулирањето на нашите секојдневни обрасци на исхрана. За време на празниците, многу стресни фактори од надворешниот свет влијаат на нашиот апетит – календарот за друштвени собири е преполн, ние сме под притисок да го испочитуваме домаќинот, но имаме и чувство на вина ако претераме.

Затоа е важно да се негува силна врска со интерцептивните сигнали во оваа празнична сезона, советува професорот Џонсон. Тоа може да ни помогне да развиеме холистички пристап кон навиките во исхраната.

Наместо да се фиксираме на надворешните фактори и да го приспособуваме нашето однесување во исхраната според нив, треба да уживаме во секој залак и да им дадеме доволно време на нашите интероцептивни сигнали за да ја одиграат улогата што се дизајнирани да ја играат.

Нашиот мозок еволуираше така што ги препознава нашите енергетски потреби. Со интегрирање на овие сигнали со искуствата од окружувањето, можеме да ги оптимизираме нашите енергетски потреби и да уживаме во празничната сезона.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот