Неверојатно истражување на невролозите: Дали сме свесни уште пред раѓањето?

Фото: Pexels / Rene Asmussen

Тим на истражувачи од колеџот „Тринити“ во Даблин и нивните колеги од Австралија, Германија и САД, во новата студија велат дека има докази дека некој вид на свесно искуство постои уште при раѓањето, а можеби дури и во доцната бременост, објави „Невросаенс њуз“.

Откритијата од ова неверојатно истражување објавени се во списанието „Трендс ин когнитив саенс“ („Trends in Cognitive Science“), под наслов „Свеста во лулката: На појавата на новороденото искуство“, и според авторите би можеле да имаат клиничко, етичко и правно влијание врз многу работи.

Во новата студија, тимот научници пред сè објаснува дека свеста на новороденчињата сè уште е мистерија и нема јасен поглед кога и во каква форма свеста првпат се појавува. Некои теоретичари веруваат во „доцен почеток“ и веруваат дека за свеста се неопходни когнитивни способности, кои прво се појавуваат пред првиот роденден на детето.

Други теоретичари веруваат во „ран почеток“, имајќи предвид дека свеста најверојатно се јавува при раѓање или веднаш по него. Но, некои веруваат дека се раѓа и во третото тромесечије од бременоста.

Напредокот на ова поле на истражување е тежок, не само затоа што постојат предизвици поврзани со собирање релевантни бихејвиорални и невролошки податоци, туку и поради несигурноста на проучувањето на свеста кога нема капацитет за вербален одговор или намерно однесување.

Затоа научниците го анализирале и емпирискиот и методолошкиот напредок на ова поле, верувајќи дека новото истражување укажува на докази на „ран почеток“ кога станува збор за појавата на свеста.

За да обезбеди нова перспектива за појавата на свеста, тимот ги надоградил неодамнешните откритија во научните истражувања за свеста. Кај возрасните, некои маркери откриени со скенирања на мозокот укажуваат на разликата помеѓу свеста и нејзиниот недостаток, што сè повеќе се користи во науката и медицината. Ова е првпат овие маркери да се испитуваат кај новороденчињата за да се процени нивната свест.

„Нашите наоди покажуваат дека новороденчињата можат да ги интегрираат развојните сензорни и когнитивни одговори во кохерентно свесно искуство со цел да ги разберат постапките на другите и да го планираат сопствениот одговор“, вели коавторот Лорина Начи, професорка на Факултетот за психологија и водач на истражувањето за свест и сознание.

Студијата фрла светлина и на „како е да се биде бебе“.  Истражувањата сугерираат дека бебињата се свесни за помалку работи во секој даден момент од возрасните, дека им треба повеќе време да разберат што е пред нив, но дека можат лесно да обработуваат различни информации како звуци од други јазици подобро отколку кога растат.

Иако проблемот со идентификување кога и во каква форма се јавува свеста е далеку од решен, новиот напредок со оваа студија сугерира дека полето на истражување на свеста кај новороденчињата сега е легитимно поле на истражување.

Во суштина, доказите покажуваат дека свеста на новороденчињата има „ран почеток“. Во овој контекст потенцијално значи дека свеста се јавува во пренаталниот период, од крајот на третото тромесечије од бременоста, најчесто по 35-та недела.

Се разбира, научниците потенцираат дека потребни се уште многу истражувања, бидејќи има уште многу податоци што не се откриени.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот