Нерезидентното население треба да е во втор план

Податоците што пристигнуваат во апликацијата за самопопишување е во втор план и не ни дава јасна претстава за клучната дилема – колку луѓе сме во државава. Ова е ставот на поранешниот директор на Државниот завод за статистика, Дончо Герасимовски, за кого клучно во формирањето на целосната слика е токму резидентното население. Тој за „Слободен печат“ вели дека значењето на податоците што пристигнуваат во апликацијата за самопопишување треба да е во втор план.

– И законски и методолошки, резидентното и нерезидентното население се две одвоени категории. Суштествено за креирањето на политиките нам ни е резидентното население. Веќе имам резерви дека ќе имаме целосен опфат во дијаспората, земајќи ги предвид сите околности, но ќе нема проблем и пречка да кажеме дека е успешен пописот ако се попишеме сите што живееме во земјава. Бројката на вкупното население, односно колку македонски државјани има дома и надвор, ни е од второстепено значење – смета Герасимовски.

Арсовски: Стравот од заразата ќе се надмине

Тој, сепак, додава дека се доцнело со информативната кампања и очекува повеќе активности токму во следните денови. Прашан кога ќе може да се оцени успешноста од попишувањето во земјава, тој одговори дека конечниот став ќе се донесе на 21 април, кога завршува пописот на резидентното население и домаќинства.

– Уште на самиот почеток ќе може да се регистрира одзивот, но да не заборавиме дека ако во првите денови не ве најдат дома, попишувачите ќе ви дојдат повторно во друг термин, за што ќе бидете информирани преку белешка. Целта е да се има целосен увид и опфат. За тоа, кај нас постои терминот „критичен период на пописот“ и во статистиката постојат модалитети што доведуваат до што попрецизни податоци, како, на пример, модалитетите за внесување на починатите и на родените меѓу 1 април и 21 април – додава Герасимовски.

Дел од аналитичарите го споделуваат ставот дека клучно е пребројувањето на државјаните што живеат во Македонија. Политичкиот аналитичар Петар Арсовски вели дека основната намера на пописот е поефикасно планирање на политиките во земјава.

– Пописот се прави за да се планира развој. Во зависност од тоа дали во Тетово живеат педесет илјади граѓани, каков што е податокот од последниот попис, или пак 120 илјади граѓани, ќе се знае дали таму се потребни нови болници или училишта. Овие параметри се земаат предвид, а дијаспората ја попишуваме информативно – смета Арсовски.

За разлика од референдумот кога се бара поголема активност на граѓаните, додава Арсовски, сега за пописот дома доаѓаат попишувачите и ќе биде потешко да се одбијат особено доколку стриктно ги запазуваат здравствените протоколи.

– Веројатноста пописот да биде неуспешен е многу мала. Веќе имавме масовна операција во време на корона со изборите и не се појави нов пик. Стравот од изложеноста на вирусот ќе биде во првите денови, но кога ќе се види дека не растат бројките, граѓаните ќе се попишат – оценува Арсовски, според кого во случај сепак овој процес биде доживее неуспех, одговорноста ќе треба да ја сносат и организаторите и повикувачите на бојкот.

Никовски: Бојкотот не е решение

За поранешниот амбасадор Ристо Никовски овој попис е по многу нешта контроверзен, па се прашува зошто власта воопшто настојувала да се попишуваат и иселениците.

– Со овој попис се игнорираат основни меѓународни постулати. Воопшто и не е јасно зошто се попишува дијаспората. Пописот има смисла само ако се регистрира резидентното население. Сето тоа покажува дека во прашање се политички местенки, кои ја изместуваат основата на овој важен настан. Но, бојкотот сепак не е решение, иако мислам дека на крај ќе имаме резултати што воопшто нема да ја одразуваат вистинската демографска слика – вели Никовски.

Владата го повтори ставот дека кривично ќе ги гонат сите лица и организации што повикуваат на бојкот, повикувајќи се на членот 387 од Кривичниот законик, според кој тој што ќе организира други на отпор или на непослушност спрема законити одлуки или мерки на државен орган, ќе се казни со парична казна или со затвор до три години.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот