Немаат ниту платено породилно ниту боледување и годишен одмор, земјоделките се дискриминирани, се бара решение во законот

Илустративна фотографија / EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Индивидуалните жени земјоделки се дискриминирани кога станува збор за правото на надоместок на плата за време на отсуство од работа поради породилно, индивидуалните земјоделци се дискриминирани и во делот на правото на платено боледување. Ова како мислење го утврди Комисијата за спречување и заштита од дискриминација кои потенцираат дека токму преку исклучување на индивидуалните земјоделци од правата на надоместоци, законот продуцира дискриминација.

На денешната презентација на предлог-решението околу овој проблем, организирана од КСЗД и Мрежата за заштита од дискриминација беше констатирано дека е потребно Министерството за здравство или Собранието да донесат измени со кои земјоделците ќе добијат право на платено отсуство поради бременост, раѓање и мајчинство, а основица за пресметката на надоместокот е нето износ на минимална плата.

Анастасија Муратовска која го презентираше мислењето од КСЗД, потенцираше дека Министерството за здравство треба да ја реализира препораката од Комисијата за законските измени и дополнувања во рок од 60 дена по добивањето. Препораката е изготвена на 2 март 2023 година и во неа пишува дека ако Министерството не постапи соодветно, КСЗД ќе поднесе барање за покренување прекршочна постапка пред надлежен суд.

Пратеничките Маја Морачанин и Рашела Мизрахи се заложија дека дефинитивно ќе го поднесат ова барање до Собранието, доколку Министерството за здравство не работи на законско решение.

Јас навистина мислам дека мора да се најде системско решение за да можат индивидуалните земјоделци да ги остваруваат правата на боледување и породилно, нема потреба да објаснувам бидејќи имаме одлука за дискриминација и тука нема што да се дискутира, вели Морачанин.

Мизрахи додаде дека законските решенија во државата најчесто се ад-хок решенија и истите не се сихронизирани по сите основи и на тој начин се јавуваат овие недостатоци што резултираат со дискриминација.

Програма за поддршка за социјална сигурност на жените кои вршат земјоделска дејност нефункционална ниту како привремено решение.

Согласно членот 42 од Уставот, посебно се заштитуваат мајчинството и малолетните деца, па оттука дали земјоделките се помалку важна категорија во општеството? Аргументот дека не се работници за мене е нешто на кое не треба да му се придава значење, вели Драгана Дрндаревска од Мрежата за заштита од дискриминација.

Соопшти дека само 1075 жени се регистрирани како индивидуални земјоделки, кои не можат да пристапат до правото на платено породилно отсуство. Вели дека има многу повеќе, но ако се овозможат повеќе права, тоа ќе ги мотивира да се регистрираат.

Програмата, како што беше констатирано на настанот има низа пропусти, тргнувајќи од тоа дека за да се оствари правото на породилно, согласно Законот се потребни шест месеци да бидат регистрирани, а со програмата се предвидуваат 12 месеци.

Листата на документи што треба да се поднесат за да индивидуалните жени земјоделки бидат дел од програмата на Министерството е долга.

Потребни се извод од матична книга, уверение за состојба на даноок, потоа Фондот за пензиско треба да го утврди статусот, па потоа во Агенцијата за вработување да докажат дека мајката не била вработена во период од 12 месеци. Сите овие документи потоа во оригинал или заверени на нотар треба да бидат испратени до ИПАРД агенцијата и по можност да бидат лично доставено со цел да не се загубат во архивата.

Оваа Програма како ад-хок решение предвидува финансиска помош за индивидуалните земјоделки кои имаат статус на здравствени осигуренички во случај на привремена спреченост за вршење земјоделска дејност поради раѓање. Но, ако појдеме од тоа дека правото на платено породилно отсуство е осносно човеково право кое треба да биде предмет на законска регулација, ваквата Програма не е перманентно и одржливо решение. Програмата е временски и финансиски ограничена со што се продолжува незивесноста во остварувањето на платеното породилно отсуство кај жените земјоделки и се создава правна несигурност. Дури и со постоењето на оваа Програма, Законот и натаму би продуцирал дискриминација, рече Муратовска.

Според Марина Тошеска од ЛАГ Агро Лидер, повеќе години се разговара актуелно прашање кое до денес нема решение.

Тие немаат платено боледување, немаат право на годишен одмор и немаат платено породилно отсуство. Жените земјоделки работат од 11 до 16 часа дневно, а многу им е тешко да пристапат ниту до правото од социјална заштита, додава Тошеска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот