Нема да поевтинат кафеанските ѓезмиња

Илустративна фотографија / Архива на СП

Дел од угостителите брифираат дека тие воопшто не размислуваат да ги вкалкулираат пониските 10 до 15 проценти на некои млечни производи, тестенини, поевтиниот бел и полубел леб, а последно јајцата и оризот, бидејќи нивните цени се веќе одамна формирани

Ако деновиве нарачате шопска салата во кафеана таа нема да ви биде помалку наплатена, иако цената на кравјото сирење се намали за 10 денари. Не треба да очекувате и дека парчињата леб, или популарните фурнаринки ќе станат поевтини од истата причина.

Поради истите причини, немојте да подготвите помалку пари за порција похуван кашкавал, тиквички или омлет. Кусо и јасно, замрзнувањето на цените на дел од основните прехранбени производи нема воопшто да се почувствува во кафеанските менија. Дел од угостителите брифираат дека тие воопшто не размислуваат да ги вкалкулираат пониските 10 до 15 проценти на некои млечни производи, тестенини, поевтиниот бел и полубел леб, а последно јајцата и оризот, бидејќи нивните цени се веќе одамна формирани. Дотолку повеќе што за набавките што ги прават рестораните не следуваат ваквите попусти.

Според Државниот завод за статистика во јануари и февруари годинава, цените на храната во рестораните се зголемиле за 18,9 проценти во однос на истиот лански период. Најмногу поскапеле печените меса и јадењата по порачка (20,2 отсто), следува лебот со 20 и салатите со пораст од 19,2 отсто. Сепак, рекордот го држат слатките чии што цени за една година се зголемиле за 31, 2 отсто. Интересно е што безалкохолните пијалаци се повеќе поскапени за разлика од алкохолните и тоа за двојно (15,7 – 8,3 отсто).

По долгогодишната стабилност, ресторанските цени почнаа да се зголемуваат во втората половина од минатата година и тоа откако дојде до драматично поскапување на цените на маслото за јадење, пилешкото месо, компирите и кафето. Уште повеќе се зголемија со драстичниот скок на цената на струјата и гасот, кои се главни елементи во подготовката на храната. Лавината тргна со пандемијата и затворањата, кога најголемиот дел од угостителските објекти беа затворени, а персоналот отпуштен. Овој сектор беше еден од најпогодените, иако Владата ветуваше дека со антикризните пакети ќе им се надомести штетата од затворањето.

– Мерките со замрзнатите цени нема да имаат никакво влијание врз цените во објектите кои служат храна. Како претприемачи ние не купуваме на мало во супермаркетите како останатите граѓани, така што не е реално да се очекува некаков видлив пад на цените на ресторанските менија – е индивидуалниот став на Здравко Јосифовски, угостител даден за „Слободен печат“. Тој смета дека она што граѓаните може да очекуваат е да добијат поквалитетна услуга, а можеби и малку поголема порција.

Редовните посетители на кафеаните се жалат и на одредени угостителски финти, како што е на пример неслужењето на вода од чешма?

– Да ти страв да побараш чаша вода со кафето. Келнерот ви го носи со флаширана вода, а ако се пожалите дека не сте ја порачале, одговорот е експресен – нема вода од чешма, цевките се загадени?! До пред некоја година никој не помислуваше на ова, а сега водата во шише стана редовна појава. Се разбира дека водата не е секогаш за пиење, ама да се наплатува вода по 60 денари, колку што чини и едно мало еспресо не е во ред – коментира една наша сограѓанка.

Дел од угостителите брифираат дека нема поента да се споредува трошокот за подготовка на храната во домашни услови со цените во рестораните. Исто така клолку што е подобра екипата во одреден угостителски објект (готвачите, брзината и квалитетот на порциите, како и брзината на услугата) поголеми се шансите за повисоки цени. Сепак сите се согласни дека во внатрешноста на земјава има одлични ресторани со цени кои се под оние кои владеат во Скопје.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот