Нема кој да ги пасе кравите

Фото: EPA-EFE/JULIEN WARNAND

Никој не се јавува на оглас за работа со крави, иако се нуди сместување во посебна куќичка, три оброка, а газдата е подготвен и да плати 500 евра месечно

Дејан Донев има 30 крави во светиниколското село Ерџелија и дневно производство од 400 литри млеко. Тој вели дека од сточарството може да се живее, но дека тешко наоѓа вистински работник за работа.

Донев се обиде да најде вработен и преку Фејсбук, на страницата земјоделие.мк каде што земјоделците ги споделуваат своите маки, радости, но и каде што се едуцираат, или бараат работници.

Пред неколку денови, тој напиша: „Кој е за работа со крави нека се јави на 072 320 255, кој не е нека прерипа оглас… Сместување и храна обезбедени, плата по договор“. „Слободен печат“ заврти на бројот за да праша дали Донев нашол работник, но одговорот беше негативен.

– Постојано ми треба еден човек за работа. Повремено ќе дојде некој да работи, но несериозно ја сфаќа работата. Не сака да работи, чека јас сè да сработам – вели Донев.

Иако во огласот не е наведена платата, тој ни откри дека е подготвен да го плати работникот 500 евра месечно.

– Во мојот двор има посебен објект каде што би бил сместен работникот, му обезбедувам и храна 3 пати дневно. Навистина има добри услови за живеење и за работа – вели нашиот соговорник.

Донев е само еден од многуте земјоделци кои преку оглас бараат вработени. Пролетва се бараа луѓе за садење домати, пиперки, а и производителите на тутун редовно имаат проблем со работници. Но и Ристо Велков, претседател на Агросојуз од Струмица, изјавува дека покрај тоа што е проблем да се најдат работници, проблем е тие и да знаат да работат.

– Не е само да се викне работник. Ако тој не ја изврши работата како што треба, ќе има лоши последици по производството и ќе пропадне вложеното – вели Велков.

Во секторот земјоделство, шумарство и рибарство работат 44.414 луѓе, според Анкетата на работна сила за првиот квартал од годинава.

Со цел да се привлечат што повеќе луѓе да се занимаваат со земјоделство, државата нуди разни мерки и за оваа година се обезбедени субвенции за речиси 114 милиони евра.

Донев вели дека благодарение на субвенциите, годишно добива и над 6.000 евра.

– Субвенциите што се даваат по грло добиток и за ниви веќе се исплатени, но за предадено млеко сè уште не сме добиле пари за 2022 година – забележува Донев.

Кризата со војната со Украина покажа колку е важно секоја земја да си ги произведува основните прехранбени производи.

„Во услови на светска криза, со зголемен буџет за земјоделскиот сектор ја обезбедуваме сигурноста на населението дека храна ќе има доволно, преку зголемено производство. За да ја постигнеме таа цел, во 2023 година почнавме со најголемата земјоделска реформа во историјата која претставува еден од петте столбови на кои се темели новиот буџет. За првпат во историјата започнуваме нов модел на субвенционирање и авансна исплата на субвенциите. Обезбедени се повеќе од 7 милијарди денари за субвенции и ова се рекордни средства што ќе овозможат зголемено домашно производство, со фокус на вистинските земјоделци. Поддршката е наменета за сите значајни култури и на развој на сточарството“, соопштија од Министерството за земјоделство.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот