Нема абер од „историските“ катни гаражи во Клинички центар: Ниеден министер за здравство не мрдна подалеку од физибилити студија за овој горлив проблем

Клинички центар
Влез во Клинички центар / Фото: „Слободен печат“ - Драган Митрески

Сите министри за здравство од 2013 година ветуваат дека ќе се изградат катни гаражи во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ ама ниту еден не го реализираше ветеното. Граѓаните и понатаму преживуваат хорор при паркирањето пред болниците, нешто од што не се исклучок ниту возилата за итна помош која транспортира критични пациенти. Уште од времето кога министер за здравство беше Никола Тодоров, ветувањето за катни гаражи е само предизборна флоскула. Се даваат пари за физибилити студии, кои потоа застаруваат, а ниедна фирма никако не се зафаќа со удирање темел и цигли на зданијата што ќе ги спасат пациентите од нехуманите колони, чекања и нервозни ситуации во Клинички.

Фирмата „Еклипс Солушнс“ од Тетово претставувана од Фатмир Хоџа го доби најновиот тендер од Министерството за здравство од 978 илјади денари, за да ја преработи физибилити студијата за изградба на катни и монтажни гаражи во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“. Старата физибилити студија од 2018 година била застарена, па Министерството за здравство минатиот месец нашло фирма да ја поправи. Министерот за здравство Фатмир Меџити од денот кога дојде на функцијата во февруари лани, од уста не ги вади трите катни гаражи кои треба да го решат сообраќајниот хаос во Клинички центар.

Првичните ветувања беа дека ќе има три катни гаражи, едната кај Клиниката за гинекологија, втората кај хелиодромот а третата на местото на модуларната ковид болница до Инфективната Клиника, од кои две изградени до крајот на 2023 година, што не се оствари.

ВИДЕО ИНТЕРВЈУ | На Клинички Центар ќе никнат две нови катни гаражи- најави Меџити

Преработката на физибилити студијата од 2018 година за која од државната каса се одлеале речиси милион денари значи ажурирање на податоците со актуелни, релевантни за сегашната состојба со цел да се процени потребата за паркинг места во комплексот клиники со проектирање на различни сценарија за надминување на проектот.

„Еклипс Солушнс“ според договорот на кој се обврзала со Министерството за здравство, треба и да предложи основни параметри за градба на катните гаражи, да ја процени цената за изградба на катните гаражи и да предложи модел за финансирање со јавно-приватно партнерство.

Фирмата треба да направи ситуациона анализа, анализа за финансиската оправданост, оценка за влијанието врз животната средина. Консултантот треба да изработи студија која ќе ги земе предвид очекуваните трошоци за развој на проектот, неговата изградба, одржување и работење, како и приходите од паркингот. За таа цел консултантот треба да состави листа на сите фази од развојот на проектот, временска рамка за нивната изработка и цена, листа на целата опрема за изградба на фотонапонска електрана, градежни работи како и трошоци за функционирање и одржување на паркингот.

Министерот Фатмир Меџити, наследи идеја од претходно за трите катни гаражи, ама уште не ја реализираше. Уште во 2019 година Министерството за здравство јавно кажуваше дека уште тогаш имале физибилити студија за финансирање на изградба и одржување на паркиралиштата со јавно-приватно партнерство и дека е неопходна изградба на минимум три катни гаражи за што беа уште тогаш утврдени местоположбите и финансиските конструкции за изградба.

Претходно, во 2013 година, тогашниот министер за здравство Никола Тодоров исто така ветуваше дека ќе го реши хаосот со паркингот на Клинички центар со изградба на катни гаражи. Според неговите тогашни проценки, дневно во просек влегувале 2040 возила а паркингот тогаш имал само 1.000 места за автомобили. Предлогот на Тодоров беше изградба на две катни гаражи со по 1.250 паркинг места по гаража. Но ова не се оствари иако беа одредени локациите за градба – во близина на Фармацевтскиот факултет и на местото на Институтот за туберкулоза.

Проценките на Тодоров беа дека инвеститорот на две катни гаражи во Клинички центар треба да потроши 21 милион и 300 илјади евра во тоа време (2013 година) а парите дека ќе може да си ги врати за дванаесет ипол години. Но, не само што никој си ги нема вратено парите од катните гаражи во Клинички Центар, туку не е почната ниту нивната изградба.

ВИДЕО ИНТЕРВЈУ| Меџити: Клинички центар ќе добие три катни гаражи

Најголемиот медицински центар во земјава, секој ден сведочи нервозни сцени поради немањето паркинг, а не се имуни ниту здравствените работници кои работат таму. Да се најде слободно место во комплексот е вистинска среќа. Со паркингот стопанисува ЈП „Градски паркинг“. Тие направија обид да внесат ред во безредието, но капацитетот е проблем врз кој не можат да влијаат. Обележани се паркинг местата за лица со попреченост, отворени се повеќе шалтери за наплата, но ова малку влијае на целокупното хаос – искуство со паркингот на Клинички.

 

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот