Неизвесно прогласувањето на кризна состојба, оставена во рацете на кревкото собраниско мнозинство

Фото: mia.mk

Засега немаме најава кога ќе биде закажано продолжувањето на 25-тата седница, кусо информираа собраниските служби, по неуспехот на пленарното заседание што започна во понеделникот да се обезбеди кворум за работа. Од причина што во салата беа присутни 58 народни избраници и недостасуваше барем три пратенички фотелји да бидат пополнети остана да лебди во воздух прашањето дали и кога ќе се даде зелено светло за прогласување нова кризна состојба.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери тогаш извести дека услови за работа нема и го поништи гласањето за предлогот на Владата за прогласување шестмесечна кризна состојба, која би била на сила до 30-ти јуни, додека пак важноста на актуелната истекува викендов. За почеток на расправата за оваа точка од дневниот ред чекаа пратениците од владејачкото, но кревко, мнозинство и не беа доволно на број, а од друга страна опозиционерите останаа надвор од салата.

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ претходно го поддржаа предлогот на Владата во матичната комисија, односно Комисијата за одбрана и безбедност, но според координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, тие не учествувале на пленарната седница, бидејќи одеднаш на дневен ред се нашле десетина закони по скратена постапка.

– Обврска на мнозинството од 62 пратеника е да раководи со институцијата. Очигледно е потребен дијалог и разговор и да се стават приоритетите на маса, зад кои би застанал целокупниот парламентарен состав, рече Мицевски.

Од СДСМ, пак, апелираа опозицијата да се однесува одговорно, но не одговорија на прашањето кога ќе успеат да обезбедат кворум во Собранието, со оглед на фактот што доколку се очекува продолжување на кризната состојба, гласањето треба да приврши до петок. За темата молк и од спикерот Џафери, кој не открива дали течат координации и се пеглаат ли во меѓувреме разликите во ставовите меѓу парламентарните групи.

Ова не е прв случај од конституирањето на Собранието во август досега, владејачките партии да не обезбедат кворум, а претседателот на СДСМ, Зоран Заев претходно најави дека ќе има окрупнување со неколку пратеници, но до моментов бројката на пратеници од владејачкото мнозинство останува 62. По собраниските перипетии околу потврдувањето на вонредните состојби што ги прогласи претседателот на државата Стево Пендаровски, потоа измените во Законот за заштита на населението од заразни болести, а сега и давањето пас за нова кризна состојба, се почесто се поставува дилемата околу функционалноста на работата на законодавниот дом.

Според новинарот и аналитичар, Тодор Пендаров, за ваквата состојба со ефикасноста на Собранието доведуваат неколку причини, наведувајќи го тенкото мнозинство, кое според него и во услови ако не би била пандемија би било проблематично за функционирање. Но, како што вели Пендаров, можеби уште поголем проблем е ниската политичка култура и давањето примат на партиските интереси.

 –Сегашната опозиција, мислам пред се на ВМРО-ДПМНЕ, која програмски и политички е изгубена и во време и во простор, нема ништо друго освен преку опструкции да ја блокира Владата. Власта, мислам на СДСМ, од друга страна исто така не може да се пофали во изминативе сто дена со било какви квалитетни политики во било кој сегмент од општеството. И во една таква атмосфера која за жал трае кај нас скоро тридецении имаме ниска или подобро речено негативна функционалност на сите три гранки на власта (извршна, законодавна и судска), оценува Пендаров.

Инаку, образложението на Владата за нова кризна состојба, која тапка во место, е дека во претстојниот период ќе е неопходно спроведување на засилени логистички операции, со цел ефикасно спроведување на вакцинацијата против Ковид-19, а доколку се процени, може и порано да биде повлечена.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот