Народна банка: Постои ризик од понатамошен раст на цените

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Оптимистички сигнали не стигнуваат ни од ЕУ каде што јануарската инфлација е многу поголема од очекуваната.

Засега не се очекува притисок од страна на побарувачката кој би создал ценовен раст и во моментов имаме поумерена базична инфлација, но сепак и понатаму се присутни ризиците за растот на цените, предупредува Народната банка во најновиот извештај.

– Во четвртиот квартал од 2021 година се забележува забрзување на инфлацијата како резултат на движењата кај прехранбената и енергетската компонента и привремените несовпаѓања на понудата и побарувачката, предизвикани од пандемијата. Според тековната динамика на закрепнување на домашната економија и на пазарот на работна сила, засега не се согледуваат позначителни притисоци од побарувачката врз ценовниот раст. На ова упатуваат и движењата кај базичната инфлација, којашто за разлика од општото ценовно ниво, бележи малку поумерена динамика од очекуваната. Воедно, домашната инфлација е во согласност и со ценовните придвижувања забележани во еврозоната. Сепак, имајќи ја предвид неизвесноста и променливоста на факторите што делуваат на ценовното ниво, постојат нагорни ризици за инфлацијата – велат од Народната банка.

Оптимистички сигнали не стигнуваат ни од ЕУ, кој ни е најголемиот трговски партнер. Во јануари, инфлацијата во еврозоната се зголеми на 5,1 отсто споредено со 5 отсто во декември. Ова е многу над очекувањата дека ќе следува пад до 4,4 отсто, соопшти Евростат.

Позитивни сигнали за цените не стигнуваат ни од американските аналитичари кои ги истражуваат пазарните тенденции. Цените на месото, морските плодови, месните производи, житарките и на другите основни прехранбени производи, според ИРИ, компанија за истражување на пазарот со седиште во Чикаго, се зголемија за 9 отсто во 2021 година, а трендот продолжи оваа година.

Си-ен-ен, пак, пишува дека прекинатите во синџирите за снабдување и актуелниот недостиг на работна сила и понатаму се закана за инфлацијата.

– Во однос на синџирите за снабдување имавме одложена реакција, а сега, во текот на следните неколку месеци, ќе ги почувствуваме последиците – велат американските компании за храна посочувајќи дека има рекорден број закотвени товарни бродови во близина на брегот на Калифорнија и дека речиси 100 сè уште чекаат на море. Сојот омикрон ги зголемува ценовните притисоци и поради тоа што го намали бројот на  работниците во магацините, преработувачките капацитети и продавниците за храна. Со помалку работници, дистрибутерите ги намалуваат испораките до некои продавници за 20 до 40 проценти – пишува Си-ен-ен.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот