Намалени давачки за 50 отсто за странските возила: До 1.000 евра помалку трошоци за сопствениците

колони возила. / Фото: Архива на Слободен печат

Сите возила, најмалку со еуро-4 стандард, кои заклучно на 1 октомври 2020 година влегле во земјава и се со странски регистарски таблички, ќе можат во рок од една година да се регистрираат, со намалени давачки за 50 отсто, кои се наплатуваат при увоз од страна на надлежните државни органи, објави министерот за економија Крешник Бектеши.

Дел од граѓаните сметаат дека предлогот е добар и дека конечно ќе се реши еднодеценискиот проблем со возилата со странски таблички. Други, пак, се чувствуваат онеправдено, бидејќи сметаат дека вака „некој се чести и му се прогледува низ прсти“, на сметка на сите оние што си ги платиле сите давачки кон државата. Дел од граѓаните на социјалните мрежи веќе прашуваат дали им е поисплатливо да си ги продадат колите во Бугарија и да си купат друга, директно со македонски таблички?

Според информациите од шпедитерите, најголемиот дел од увезените возила во земјава се од земјите на ЕУ и тоа преку Бугарија. Многу мал дел се увезени и од САД. Според податоците од Царинската управа, до регистрација на возилото, давачките за увоз се следни: царина 5 проценти, износот на акцизата се пресметува според вредноста на возилото, еколошка такса во износ од 3.000 до 5.000 ден. за употребувани возила и ДДВ 18 проценти. Треба да се има предвид дека на износот на трансакционата вредност се додаваат трошоците за транспорт и осигурување до влез на возилото во државата. Доколку поседувате соодветен доказ за ЕУ преференцијално потекло на возилото, тогаш царина е – 0. Или поконкретно, вкупните давачки за возило со средна цена од 5.000 евра (околу 310 илјади денари), до регистрација излегуваат околу 114 илјади денари или околу 2.000 евра. Сега сумата ќе се намали за 50 проценти, но еколошката давачка Е28 (воведена од јануари оваа година) останува фиксна – 3.000 денари, се разбира доколку не се смени законот. Нешто помали давачки или околу 96.000 денари, досега се плаќаа за истото возило со доказ за ЕУ царински преференцијал, бидејќи тогаш нема царина. Потоа следуваат хомологација и регистрирање на возилото. Претходно треба да добиете и потврда од Интерпол дека возилото не е предмет на истрага. Откако ќе ги минете сите овие процедури, сообраќајната дозвола ќе ве чини 200 денари, а за нови регистарски таблички ќе треба да платите 1.200 денари.

На предлог на Министерството за економија, Владата го усвои Предлог-законот за регистрација на возила со странски регистарски таблици на територијата на Република Северна Македонија. Набројувајќи како ќе се полни Буџетот идната година, премиерот Зоран Заев ја најави легализацијата на странските возила, со првични пресметки дека по оваа основа ќе се соберат околу 20 милиони евра. Точната бројка на возила што во моментот се возат со странски таблички, претежно бугарски, никој не ја знае или одбива јавно да ја каже. Она што сите го потенцираат е дека такви таблички најчесто се забележуваат во Источна Македонија, поради близината на бугарската граница. Како што е познато оние што возат такви автомобили, може легално да престојуваат во земјава три месеци и потоа мора да ја поминат границата и повторно да влезат во Македонија.

– Со оваа мерка ќе се обезбеди системско регулирање на учеството на овие возила во сообраќајот и приход на средства кон буџетот и домашната економија во висина од 25 милиони евра што ќе бидат наменети за проекти од интерес на граѓаните – соопштија од Владата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот