Надоместок за возачка дозвола од Карпош само за оние што слават полнолетство, другите не се доволно „млади“

Фото: Општина Карпош

Иако предизборните ветувања на Јакимовски се однесуваа на субвенционирање на млади карпошани, според јавниот повик, надоместок на средствата можат да добијат само оние што освен што се најмалку три години жители на Карпош, треба годинава да наполнат 18 години.

По објавувањето на јавниот повик за субвенции за полагање возачки испит за младите карпошани, веќе првиот ден откако беше овозможено да се примаат барања, до Општината пристигнале 55 апликации. Аплицирањето требаше да почне на 23 јуни, но поради штрајкот на вработените во јавниот сектор, Општина Карпош извести дека во наредните два дена нема да се примаат странки. Оттаму ги замолија за разбирање и трпение граѓаните што имаат потреба од услуги од општинската администрација.

Но, граѓаните реагираа затоа што беа оневозможени да ги поднесуваат своите барања и затоа што стравуваа дека поради принципот по кој ќе се доделуваат и овие како и сите други субвенции – прв дојден, прв услужен – кога ќе се отворат шалтерите во архивата, бројот веќе ќе биде пополнет.

Сепак и покрај штрајкот, од локалната власт го решија проблемот, па ден потоа започна приемот на барањата на заинтересираните граѓани.

Покривање на дел од трошоците за обука и полагање возачки испит беше едно од предизборните ветувања на сега актуелниот градоначалник Стевчо Јакимовски. Па така, уште пред три месеци беше објавен оглас за избор на автошкола, па потоа повлечен, па беше објавен нов и на него беа избрани седум автошколи каде што ќе се субвенционира обуката и полагањето.

Но, иако ветувањата на Јакимовски се однесуваа на субвенционирање млади карпошани, како што веќе е познато, надоместок на средствата можат да добијат само оние што освен што се најмалку три години жители на Карпош, треба годинава да наполнат 18 години. За другите не важи. Токму на ова и претходно и сега реагираат некои карпошани, кои сметаат дека ова не е коректно, дека се врши деградација и дека во огласот наместо да има критериуми од социјален аспект, критериум е само возраста, што значи дека надоместок можат да добијат и оние на кои тоа не им е потребно, со самото тоа што годинава го слават своето полнолетство.

Повикот не е за млади лица, туку за тие што стануваат полнолетни во 2022 година. Или тие што имаат 19, 20 и плус години ги сметате за стари? Каква деградација правите! Субвенционирајте невработени за да можат полесно да најдат работа, субвенционирајте деца чии родители не се во можност да им платат возачки испит или сите млади од-до години, па макар и со помали суми! Престанете со давање субвенции на одредени групи, туку вложувајте ги нашите средства за добробит на сите жители на општината! – коментира жител на Карпош во врска со објавата на јавниот повик.

Започнувајќи од оваа година, Општина Карпош за првпат воведува ваков вид субвенционирање, со што, според надлежните во Општината, младите карпошани се поттикнуваат да полагаат за возачка дозвола.

За оваа намена Општината обезбеди финансиска конструкција во висина од 4.000.000 денари. Право на пријавување имаат сите физички лица што живеат на територија на општина Карпош, кои во оваа 2022 година навршиле 18 години. Јавниот повик ќе трае сè до исцрпување на средствата предвидени за оваа намена, а ќе функционира според принципот „прв дојден, прв услужен“ – информираат од локалната власт.

Во јавниот повик е прецизирано дека субвенционирањето ќе изнесува 50 отсто од сумата што се наплатува за посетување обука и е утврдена како минимална цена по правилникот за минимална цена.

Општина Карпош вчера ја објави листата од 41 кандидат од пристигнатите апликации кои досега ги исполнуваат условите за доделување субвенции.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот