Националното тело за имплементација на конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост ја поддржа Нацрт-концепцијата за основно образование

Националното координативно тело за имплементација на Конвенцијата на ООН за правата на лицата со попреченост при Владата направи анализа на Нацрт-концепцијата за основно образование и при тоа ги консултираше своите членови и партнери – организациите на лица со попреченост, соопшти владината прес-служба.

Нацрт-концепцијата била разгледана и анализирана на втората одржана седница на Националното координативно тело од 30 декември лани, при што тоа даде поддршка и писмено се обрати до Министерството за образование и наука, со свои коментари и сугестии по истата.

– Во соопштението од Националното координативно тело се потенцира дека, содржината на Нацрт-концепцијата ја анализираше преку принципите и начелата на Конвенцијата за правата на лицата со попреченост, преку статусот, развојот и унапредувањето на образовните можности на ученците со претстојните концептуални промени, како и преку генералниот аспект на унапредување на образованието во државата воопшто, како процес кој со децении концептуално стагнирал, наведува владината прес-служба.

Покрај образложение за аспектите на поддршка и потребата од носење на ваквата Концепција, Националното координативно тело предложило и неколку сугестии.

Прво сите политики и акти кои ќе произлегуваат од новата Концепција да се повикуваат и консултираат со Конвенцијата на ООН за правата на лицата со попреченост, како и препораките кои произлегуваат од неа, потоа осигурување и продолжување со заложбата за обезбедување на аспектот на пристапност и универзален дизајн, како предуслов за инклузивност и  можностите за образование пристапно до секој ученик.

Една од сугестиите е и обезбедување учество и вклученост во креирањето и реализацијата на сите репрезентативни организации на лицата со попреченост, како и организациите на родителите на децата со попреченост, како исклучително важен предуслов, каде преку квалитетот на взаемната соработката во носењето, би се рефлектирал и во квалитет во реализацијата. Потреба од персонално докомплетирање и неопходно обучување на стручните служби од аспект на методолошки пристап во инклузивните принципи и работа со учениците со попреченост, како и ревидирање на улогата на стручната служба со јасна определба на нејзините стручно-педагошки надлежности.

Од владината прес-служба додаваат дека потребно е и креирање механизми кои ќе обезбедат гаранција дека сите ученици со попреченост кои се во инклузивно образование дека мора да бидат вклучени во задолжителните и изборните активности, како и во слободните активности во училиштето, како и да се обезбеди сигурност дека новата Концепција ќе рефлектира наставен процес чиј единствен центар на реализација ќе биде училиштето, односно со јасни норми ќе се ограничат обврските и задачите на учениците во рамки на семејството и домот, односно дури и при мала или делумна можност за тоа, целта на овие промени кои го нудат училиштето и активностите во него како фокус на образованието и воспитанието, ќе се девалвира.

– Националното координативно тело за имплементација на Конвенцијата на ООН за правата на лицата со попреченост при Владата, очекува брзо усвојување на Нацрт-концепцијата и практично креирање на сите акти кои произлегуваат од неа, во кои со задоволство ќе даде свој стручен придонес, се вели во соопштението.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот