Национална кампања за подигнување на јавната свест „Ставете нѐ на вашиот ѕид”: За „невидливите“ попречености

Невидливата попреченост е физичка, ментална или невролошка состојба која не е видлива однадвор, но сепак може да ги ограничи движењата, сетилата или активностите на една личност

Во пресрет на 3 Декември – Меѓународниот ден на лицата со попреченост, три проекти финансирани од Европската Унија во Северна Македонија, кои во моментов го поддржуваат воспоставувањето на социјални услуги во заедницата и спроведувањето на Националната стратегија за деинституционализација, заедно ја спроведуваат кампањата за подигнување на јавната свест „Ставете нѐ на вашиот ѕид”.

Меѓународниот ден на лицата со попреченост се одбележува веќе 29 години, од далечната 1992, со идеја да ги промовира, но и да не потсети на правата и благосостојбата на лицата со попреченост во сите сфери на општеството и да ја зголеми свеста за состојбата на лицата со попреченост во секој аспект од политичкиот, социјалниот, економскиот и културниот живот.

Се смета дека, на глобално ниво, повеќе од 1 милијарда луѓе живеат со некаква попреченост. Тоа значи дека 1 од секои 7 лица има попреченост. Генерално, тие имаат послабо здравје, пониски образовни достигнувања, помалку економски можности и повисоки стапки на сиромаштија од луѓето без попреченост. Ова во голема мера се должи на недостигот на достапни услуги (како информатичката и комуникациската технологија (ИКТ), правдата или транспортот) и многуте пречки со кои се соочуваат во секојдневниот живот, а се во различни форми, вклучувајќи ги и оние кои се однесуваат на физичката средина, или оние кои произлегуваат од законодавството или политиката, или од општествените ставови или дискриминација.

Нашите заеднички напори годинава се насочени подигање на јавната свест за т.н. „невидливи“ попреченост. Не сите попречености се надворешно видливи или лесно препознатливи. Според американското Здружение на невидливи попречености, едноставно кажано невидливата попреченост е физичка, ментална или невролошка состојба која не е видлива однадвор, но сепак може да ги ограничи движењата, сетилата или активностите на една личност. За жал, самиот факт дека овие симптоми се невидливи може да доведе до недоразбирања, лажни сфаќања и пресуди од околината.

Како невидливи попречености се сметаат аутизам, хронична болка и тешкотии во учењето, како и состојби на ментално здравје, мобилност, говорни оштетувања и сензорна загуба како што се губење на видот, оштетување на слухот или глувост. Респираторни состојби како астма, хронични состојби како што се дијабетес, хронична болка и нарушувања на спиењето, кога значително влијаат на секојдневниот живот, се сметаат за невидливи попречености.

Проектот Поддршка на модернизацијата и деинституционализацијата на социјалните услуги“, заедно со проектите Поддржување на процесот на преселба на лицата со интелектуална попреченост од институцијата во Демир Капија во станбени единици за поддржано живеење – ОАСИС“ и „Добивање живот – Деинституционализација на корисниците на Специјалниот завод Демир Капија – ПИН“ за кампањата соработуваше со уметникот и графички дизајнер Зоран Кардула. Неговите дизајни во стилизирана форма отсликуваат неколку состојби на невидлива попреченост (дислексија, аутизам, биполарно растројство, Даунов синдром, дијабетес кај деца, наглувост).

Дизајните, како постери ќе ви бидат достапни во утрешното печатено издание на Слободен Печат. А доколку сакате да ги имате и да ги користите во електронска форма или сами да ги отпечатите, ќе може да ги симнете во електронска форма од интернет страната https://socialservicesplatform.eu и страната на Министерството за труд и социјална политика.

Луѓето кои живеат со невидливи попречености често се соочуваат со бариери во нивниот секојдневен живот, вклучувајќи недостаток на разбирање и негативни ставови. Тие, исто така, се една од најпогодените популации од пандемијата на КОВИД-19.

Купете го утрешното издание на Слободен Печат, информирајте се!

Искористете ја можноста сите да преземеме акција за да го направиме нашиот свет по инклузивен за секого.

Прочитајте повеќе за активностите на трите проекти:

https://socialservicesplatform.eu

https://www.oasis.mk/index.php/mk/elementor-606/

https://www.facebook.com/PINnorthmacedonia


Проектот „Поддршка на модернизацијата и деинституционализацијата на социјалните услуги“го спроведува Ептиса за потребите на Министерството за труд и социјална политика, со финансиска помош од Европската Унија.


Комерцијален ПР текст

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот