На Украина ѝ се заканува губење на американската помош

Украина / Фото EPA-EFE/SERGEY DOLZHENKO

Финансиската помош на САД за Украина е речиси потрошена. Конгресот треба да одобри нови средства – но таму има отпор. Белата куќа реагира со итен апел до Претставничкиот дом.

Директорката за канцеларијата за менаџмент и буџет на Белата куќа, Шаланда Јанг во писмо до претседателот на Претставничкиот дом, републиканецот Мајк Џонсон и лидерите на Конгресот, предупреди дека на САД им снемува време и пари да ѝ помогнат на Украина во војната со Русија.

Во октомври, администрацијата на претседателот Џо Бајден побара од Конгресот речиси 106 милијарди долари за финансирање на амбициозните планови наменети за Украина, Израел и за безбедност на американската граница.

Претставничкиот дом е контролиран од републиканци кои имаат тесно мнозинство и сметаат дека финансирањето на Украина станало политички контроверзно.

Во писмото објавено од Белата куќа, Јанг истакна дека прекинот на финансирањето и испраќањето оружје за Украина може да ја зголеми веројатноста за руска победа.

„Сакам да бидам јасна: без акција на Конгресот, до крајот на годината, ќе снемаме ресурси за да набавиме поголема количина оружје и опрема за Украина, како и за набавка на опрема од резервите на американската војска“, напиша таа.

„Нема волшебен фонд со средства на располагање во моментов. Останавме без пари и речиси без време“, наведе таа.

До средината на ноември, американското Министерство за одбрана искористи 97 отсто од дополнителните 62,3 милијарди долари што ги доби, а Стејт департментот ги искористи сите 4,7 милијарди долари од фондот за воена помош што му беше доделен, напиша Јанг.

За економска помош се потрошени околу 27,2 милијарди долари, а за хуманитарна помош уште десет милијарди долари.

Извор: Дојче Веле

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот