НА СУД заради ЛАЖНИ ВЕСТИ!

Премиерот Зоран Заев и министерката за одбрана Радмила Шеќеринска најавија тужби за порталите Република и Инфомакс заради пласирање непотврдени информации.

Оваа одлука наиде на различни реакции во јавноста. Дилемата што се наметнува од поодамна е повеќеслојна. Дали политичарите како јавни личности треба да се потолерантни кон написите во медиумите и со тоа да се воздржуваат од тужење новинари, или пак и тие треба да си ги заштитат својот интегритет и како личности и како политички функционери ако некој од новинарите ја „претера“ со ширење невистини за одредена личност. Но прашањето е, треба ли новинарите или оние што се сметаат за новинари да внимаваат на професионалните стандарди и етика и да се придржуваат до вистината?

Клеветата кај нас е декриминализирана, но тоа не значи дека во граѓанска постапка не е можно да се водат парници за заштита на интегитетот на личноста.

Аналитичарот Петар Арсовски вели:

– Затоа не можам до крај да се согласам со повиците на фелата да не се тужат новинари. Секој смее да тужи секого ако некој му нанел реална штета. Напротив, бидејќи стана ерес да се тужат новинари, судовите кај нас имаат многу малку пракса во тој дел, па не знаат ни како да ги заштитат новинарите од тужби, да не зборуваме за тоа како да ги заштитат оштетените. А со мантрата дека „медиуми не се тужат” пропагандистите имаат сигурна амнестија. Ако некого наклеветите приватно, тој има право да тужи, ама ако го наклеветите јавно, не? Од кога новинарската пропусница стана значка за „дозволено шпекулирање”, беџ за „кого удрам, не жалам?.

Во БиХ исто така се води дебата околу промени на законот за клевета. Ова од таму што не постои воедначена судска пракса и таму.

Според Претседателот на клубот на новинари на Банја Лука Синиша Вукелиќ, има случаи кога еден суд цени дека тужбата за клевета не е оправдана, додека друг суд за ист случај носи пресуда за оправданост на тужбата.

Србија се соочува со слични проблеми и дилеми кога станува збор за лажни вести и за клевета на политичарите. Некои медиуми и таблоиди ја бомбардираат јавноста со лажни вести или со непотврдени и непроверени информации за одредени настани, но и за политчки личности.

„Раскринкување“ е проект на порталот КРИК кој неколку години се занимава со разоткривање на лажните вести во српските медиуми што се претставуваат како факти. Тие констатираа над 700 лажни вести во 2018 и над 400 во првата половина од оваа година на насловните страници на неколку таблоиди.

Подоцна во овој проект се вклучуваат и новинари од регионот.

Во Македонија овој проект од ноември 2018 се води под името Ф2Н2 или Fighting Fake News Narratives. Оваа борба против лажните вести се состои од дневен систематски мониторинг на одбрана програма од ТВ канали, социјални мрежи и интернет портали, преку употреба на разни алатки, развиени програми и софтвер со отворен код.

Кај нас веќе постоеше сличен таков проект наречен Проверка на факти кој во периодот од 2013 до 2017 изработил над 4000 рецензии на новинарски текстови, а 90 проценти од нив биле лажни вести. Во останатите десет проценти биле забележани говор на омраза, навреди и клевети како и дискриминација и повик на насилство. Овој проект на Метаморфозис продолжува и сега как Критинг.

Но и покрај тоа сепак се чини дека борбата со лажните вести не е и нема да биде лесна.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот