На сајбер нападите ќе одговориме со вистински „специјалци“

Дојава за бомба во средно Јосип Броз Тито / Фото: Слободен печат - Методиј Здравев

Обуката почнува со изучување на основите на компјутерските системи, а ќе следуваат модули за мрежна и апликациска безбедност, за справување со инциденти, форензика, анализа на малвер, етичко хакирање, менаџирање со ризици и слично, вели професорот Кире Јакимоски.

Серијата закани продолжи со завчерашните пораки за поставени бомби во 15 скопски училишта, и средни и основни. И овој пат се покажа дека заканите се лажни, а Советот за координација на безбедносно-разузнавачката заедница констатираше дека состојбата е стабилна и не постојат реални закани по безбедноста на граѓаните. На состанокот е донесена и одлука да се формира оперативен тим за сајбер безбедност и за хибридни закани.

Според експертите, секоја закана како што се овие за поставени бомби, во земјава треба добро да се испита и да се оцени дали е сериозна или не.

– Во случајот со дојавите за бомби кај нас, самото неоткривање веќе подолго време покажува дека станува збор за софистициран начин на испраќање имејл пораки со затскривање на идентитетот на испраќачите поради што и не може лесно да се детектираат од одговорните органи. Самата закана, пак, можеби не е реална и остварлива, но начинот на испраќање создава грижа, немир и несигурност кај населението, оценува професорот од Факултетот за информатика при АУЕ-ФОН Универзитетот д-р Кире Јакимоски, кој ја менаџира и Академијата за сајбер безбедност, која е дел од неформалното образование што се спроведува на Универзитетот.

Академијата за сајбер безбедност, како дел од Факултетот за информатика, овој месец почна со специјална обука, која ќе трае шест месеци. Јакимоски објаснува дека станува збор за многу квалитетна програма што се одржува 20 часа неделно со постојана интеракција со инструктор во траење од вкупно 24 недели. Први слушатели се вработени во министерствата за внатрешни работи и за одбрана, како и други заинтересирани кандидати. Обуката почнува со изучување на основите на компјутерските системи и мрежи за сите слушатели да бидат на исто ниво со предзнаења. Понатаму следуваат модули за мрежна и апликациска безбедност, за справување со инциденти, форензика, анализа на малвер, етичко хакирање, менаџирање со ризици и слично.

Овој буткамп се изведува во партнерство со компанијата „ThriveDX“, израелска компанија што веќе остварува исти вакви обуки за сајбер безбедност со врвни американски универзитети како „Њу Јорк јуниверзити“, кој е 25-ти, „Јуниверзити оф Мичиген“, кој е 28-ми, „ Јуниверзити оф Висконсин Медисон“, кој е 33-ти на Шангајската листа на универзитети, и многу други.

Инаку, како дел од активностите на Академијата за сајбер безбедност, склучено е и академско партнерство на универзитетот со „EC-Council“, која е исто така компанија што остварува сет обуки во областа на сајбер безбедноста.

– Мора да потенцираме дека сајбер безбедноста е во постојан развој и не може да се постигне сто отсто идеална заштита на кој било компјутерски систем и мрежа. Така, на пример, на светско ниво, во почетокот на овој месец „Рекспејс“, голема американска компанија што нуди мултиклауд решенија, претрпе сериозен ренсомвер напад на нивните имејл-сервиси. Една од главните цели на сајбер безбедноста е да се отстранат или да се намалат на што пониско ниво слабостите, заканите и ризиците со примена на сите безбедносни контроли, процедури и политики во специфичниот компјутерски систем и мрежа. На тој начин, сајбер ризиците и евентуалните напади побрзо ќе се детектираат и ќе се отстранат, а компјутерскиот систем побрзо ќе се врати во нормален начин на работа. Во случајот со заканите за бомби кај нас, најверојатно станува збор за софистицирани закани со маскирано испраќање имејл-пораки преку интернет-сообраќајот, при што тешко е да се детектираат ако зад тоа стојат добро обучени професионалци што знаат добро да ги скријат трагите – вели Јакимоски.

Додека трае оваа онлајн обука со пристапување на слушателите на виртуелни платформи, квизови и лабораториски вежби и практични сценарија, во тек е подготовка на сајбер арена, која ќе почне со работа наредната година.

Станува збор за тренинг-центар со инсталирана хардверска опрема во просториите на универзитетот – училници со компјутерски системи и мрежи на кои ќе бидат изведувани напади во живо во контролираниот простор на сајбер арената. Со ваквите обуки кандидатите ќе се стекнат со врвни вештини во оваа област што ќе биде од голема корист за јакнење на капацитетите на државата со професионалци во сајбер безбедноста.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот