На мака се познаваат јунаците

Сашо Орданоски. / Фото: Слободен печат

Многу луѓе како да забораваат дека мерките не се носат за да продолжиме да живееме како пред кризава, туку за да ја преживееме кризава. Тој напор е глобален, а во многу држави и со помали изгледи за успех, ако ви е за некаква утеха.

Што и да направите во време на ваква голема криза, какви мерки и да донесете, секогаш ќе има губитници и добитници во процесот.

И нема лутење: сечија мака е голема како планина, бидејќи таа најмногу им тежи на оние што ја носат, без разлика дали, во светот на објективната географија, може да се измери како Водно или како Хималаите. Така, за некој кој е заразен од вирусот можеби проблемот на сопствениците на домашни миленици и неможноста да нуждат по надвор за време на полицискиот час им изгледа тривијален до немајкаде; но оние кои не можат да ги прошетаат своите кучиња навечер со право бараат ургентни интервенции во мерките, со иста итност како што воведувањето на нова терапија во лекувањето на болните може некому да му пресуди меѓу животот и смртта.

Што во рекле Американците – проклет си и ако направиш, проклет си и ако не направиш, исто ти е.
Така ќе поминат и овие мерки на државата со кои интервенира во економската криза којашто се заканува, на среден рок, да стане поголема од здравствената. Ако два месеца се ограничат платите на административците, се слушаат критики и лелекања како да е дојден крајот на светот – а за некои можеби и е, барем оној на кој се навикнати. Ако, пак, се одлучи да не им се ограничат, тогаш со исто толку гласни клетви и фрлања камења се тврди дека државната синекура е секогаш посигурна од ветрометината на капиталистичката приватна пазарна економија.

Па, нели ако не се намали платата на администрацијата се поттикнува поголема потрошувачка, што одговара и на приватниот сектор за и тој низ таквиот промет сосема да не „издише“?! Како што важи и обратното: јавниот сектор, во ваква криза, не може да ужива во помал економски ризик од приватниот, од чии алиментации во добар дел живее?!

Потоа се вклучува машинеријата на социјалните мрежи, како огромен индустриски комплекс за општествено-политичко прдење од секаков интензитет и причини за фрустрација. Пробајте: гарантирам дека ќе добиете приближно ист број лајкови ако напишете „Долу Влада!“ и, десет минути подоцна, „Горе Влада!“… А ако ставите и некоја мајка-шајка на крајот, бројот на лајкови инстантно се удвојува. Еве, обидете се со ова (во посебна рамка, со црвена заднина, крупен фонт и некоја шарка горе и долу, а по можност направете и барем две-три правописни грешки, не само затоа што сте неписмен, туку и за сите да разберат дека многу ви се брзало да го плукнете јавно тоа што ви дошло): „Да ве е**м и Зајко и Мицко, земјава ја испокрадовте, а уште се сликате!“… Од 100 лајка, нагоре!

Со други зборови, и овие мерки на власта се толку идеални, колку што сме ние работливи Германци, со швајцарски државен буџет и со шведска општествена свест. (Сега е добар момент да декларирам: јас од сите наброени мерки нема да имам никаква директна корист.) Многу луѓе како да забораваат дека тие мерки не се носат за да продолжиме да живееме како пред кризава, туку за да ја преживееме кризава. Тој напор е глобален, а во многу држави и со помали изгледи за успех, ако ви е за некаква утеха.

Има и нешто „демократско“ во целава криза: од една страна, побогатите се повеќе уплашени дека имаат што да загубат; а од друга, парите не им го намалуваат стравот од можноста и тие да се заразат, бидејќи таа здравствена опција не зависи од личното богатство.

Затоа и мислам дека кај многумина кои можат, ќе проработи чувството за општествена солидарност. Можеби никогаш не важела повеќе онаа позната изрека, дека на мака се познаваат јунаците!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот