„На лагата ѝ се кратки нозете“: Кога почнуваат децата да лажат и како влијае тоа на нивниот развој?

ренесанса
Фото: Unsplash / Birmingham Museums Trust

Научниците велат дека е вообичаено децата да лажат. Имено, истражувањето открило дека 96 отсто од малите деца во одреден момент од своето детство лажат. Четиригодишните деца во просек лажат на секои два часа, а шестгодишните во просек секој час.

Научниците од Универзитетот во Монтреал спровеле истражување, анализирајќи сто деца на возраст од три до 14 години за да откријат каква улога има лажењето во нивниот развој.

Децата ги однеле во соба и им рекле да гледаат во ѕидот, да не се вртат и да не гледаат во играчките на масата. Меѓутоа, кога лицето кое имало задача да ги надгледува ја напуштило собата, децата почнале да се вртат – 80 отсто од децата погледнале наоколу откако останале сами.

Кога истражувачите се вратиле во собата, ги прашале дали се свртеле. Речиси сите деца на 2-годишна возраст ѕиркале, а околу една третина од нив го тврделе спротивното. Околу две третини од тригодишните деца ѕиркале и речиси сите рекле дека не го направиле тоа. Малку постарите деца, логично, имаат малку поголема самоконтрола, но тие од друга стана пак, се повеќе склони кон лаги. Ваквото однесување не е невообичаено за најмладите, откриваат истражувачите.

Кога децата почнуваат да лажат?

Научниците истакнуваат дека децата почнуваат да лажат многу рано, околу тригодишна возраст. Всушност, тие тогаш почнуваат да разбираат дека не можете да ги „прочитате“ нивните мисли, па можат да кажат работи што не се вистинити без вие да дознаете.

Децата најмногу лажат на возраст од четири до шест години, бидејќи тогаш стануваат подобри во лагите, бидејќи успеваат да ги усогласат изразите на лицето и тонот на гласот со она што го кажуваат, имаат побогат речник и слично.

Здраво спознавање на емпатија

Значи, лажењето е природна работа, тоа е дел од развојниот процес на детето и претставува позитивна пресвртница во неговиот развој, тврдат научниците. Детето треба да биде многу интелигентно за да ја препознае разликата помеѓу она што е вистина и она што не е, но и да знае како да убеди некого во она што го кажува.

Иако идејата за лажење кај децата звучи како нешто лошо, истражувачите го гледаат како важен дел од развојот на социјалната интелигенција и поставувањето на основата за емпатија.

„Факт е дека лажењето не е прифатливо однесување. Во општеството е многу јасно дека не сакаме да бидеме опкружени со луѓе кои лажат“, вели д-р Викторија Талвар и додава дека лажењето во некои случаи сепак е пожелно. Имено, кога ќе откриеме дека детето лаже, тоа значи дека е способно да ја разбере туѓата перспектива.

Измислени приказни и како да се справите со нив

Преправањето и фантазирањето се важни за развојот на детето и добро е да се поттикне овој тип на игра. Измислените приказни не треба да се третираат како лаги, особено за деца под 4-годишна возраст.

Кога детето измислува приказна, можете да одговорите велејќи нешто како: „Тоа е одлична приказна, би можеле да напишеме книга“. Така дополнително ќе се поттикне имагинацијата на вашето дете без да се одобрува лажењето.

Реакциите на родителите на детските лаги

Ќе признаете дека и ние возрасните често се служиме со „мали“ лаги. И тоа е во ред, велат психолозите. Избегнувањето на вистината, за да не повредите нечии чувства или да избегнете непријатна реакција, е нормално и на некој начин прифатливо.

Но, не е реално да очекувате вашето дете да го разбере тоа. Ако на вашето дете му кажете „Не е убаво и никогаш не треба да лажеш“, а по некое време побарате од него да ѝ каже на неговата тетка дека направила одличен колач (иако не е вистина), можете да го збуните детето. Најдобар начин децата да бидат искрени е да им бидете добар пример.

Вистинско време за вистината

Како што истакнуваат педагозите и психолозите, никогаш не е прерано да ги научиме децата да бидат искрени. Искористете го моментот кога вашето дете кажува лага за да зборува за искреноста и објаснете му зошто е тоа важно. Не е добро да го обвинувате детето, а најлошото можно сценарио е да го казните или да му викате. Поради ваквото однесување на родителите, децата продолжуваат да лажат за да го избегнат чувството на срам или вина.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот