ВИДЕО: На Ѓукановиќ во Приштина му го врачија „клучот на градот“

Фото: Јутјуб/принтскрин

Градоначалникот на Приштина, Прпарим Рама, му го предаде „клучот на градот“ на црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ, кој допатува во дводневна официјална посета на Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.

На церемонијата организирана по тој повод во приштинската општина, Рама му порача на Ѓукановиќ во косовската престолнина да се чувствува како дома.

-Ова е клучот на главниот град, клучот на вашиот дом. Чувствувајте се во Приштина како дома, секогаш сте добредојден тука, рече Рама.

Црногорскиот претседател се заблагодари за честа и изјави дека „клучот е многу убав подарок за пријателството меѓу двете држави“.

Во првата официјална посета на еден црногорски државник на Косово, Ѓукановиќ претпладнево беше пречекан со највисоки државни почести од неговата косовска колешка, Вјоса Османи.

На заедничката прес-конференција по билатерална средба, Ѓукановиќ изјави дека неговата земја го поддржува Косово на патот кон евроатлантските интеграции, така што ќе го поддржи и неговото зачленување во Советот на Европа, за што Приштина аплицираше во Стразбур минатата недела.

Османи изјави дека нејзиниот црногорски хомолог секогаш бил пријателски настроен кон Косово и му се заблагодари за досегашната сестрана поддршка.

Двајцата претседатели нагласија дека се противат на иницијативата „Отворен Балкан“, која ја промовираат Северна Македонија, Србија и Албанија.

Ѓукановиќ денеска во Приштина се сретна и со претседателот на Собранието на Косово, Глаук Коњуфца.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот