На анкетите им се „истопи“ рејтингот во јавноста

Јули 2020, Скопје / Фото: Драган Митрески - Слободен печат.

Општата недоверба на граѓаните во институциите и процесите и создадената атмосфера дека анкетите што се прават во предизборието не се веродостојни, придонесоа кампањата за овие парламентарни избори на 15 јули да помине речиси без испитување на јавното мислење. Изборниот законик предвидува дека бројките за расположението на гласачите и рејтингот на политиките партии да се објавуваат најдоцна пет дена пред гласањето, па утре е последниот ден за тоа.

Досега се објавени четири анкети, а дел од извршителите и наодите веднаш беа оспорувани од поддржувачите на условно „губитничката“ страна дека се нерелевантни итн., особено што во медиумите не беа наведени податоци за името на нарачателот, извршителот, методологијата, примерокот и времето на анкетирање, согласно со Изборниот законик. На почетокот на кампањата во медиумите беше објавена анкета што ја извршила „Брима галуп“ според која  СДСМ има за 3,6 отсто повисок рејтинг од ВМРО-ДПМНЕ, а заедно со Беса 6,1 отсто, како и анкета на Националниот демократски институт во Вашингтон (НДИ) според која СДСМ има 3,5 отсто предност. Потоа во опозициските медиуми беше објавена анкета од за нас непозната американска асоцијација „Меклефлин“, според која рејтингот на ВМРО-ДПМНЕ е повисок за 4 отсто, а вчера Институтот за политички истражувања (ИПИС) објави анкета според која предноста на рејтингот на ВМРО-ДПМНЕ над СДСМ е 2,1 отсто.

На претходните парламентарни избори во 2016 година беа објавени најмалку шест истражувања на јавното мислење и тоа извршени од агенциите „М-Проспект“, „Рејтинг“, „Фактор плус адрија“, „Павел Шатев“, „Брима“ и „Димитрија Чуповски“. Освен „Брима“, ниту една од нив не се огласи во тековната кампања.

Гласачите не веруваат во анкети

Политичкиот аналитичар Благојче Атанасовски за „Слободен печат“ вели дека има сѐ помалку анкети за рејтингот затоа што има сѐ помала доверба во нив, а од друга страна анкетите се скапи.

– Во последните изборни циклуси е практика одредени анкетни агенции да го испитуваат расположението на гласачите и рејтингот на партиите и тоа најчесто нарачатели се самите политички партии, кои потоа или се фалат со резултатот или го побиваат, врз основа на тоа дали бројките се во нивна полза или не се. Ако бројките се лоши за одредена политичка опција, партијата или нејзините поддржувачи настапуваат со обвинување кон агенцијата дека е пристрасна, дека истражувањето е нереално итн. Таа атмосфера се повторува со години и сето тоа прави една општа недоверба на сите кон се. Граѓаните немаат доверба во функционалноста на институциите, во самиот изборен процес, па не веруваат ниту во анкетите. Еве на пример, агенцијата „Брима галуп“ со години го испитува јавното мислење во Македонија. Во времето на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ од 2006 до 2016 година на анкетите што ги објавуваше „Брима галуп“ ВМРО-ДПМНЕ редовно имаше двоцифрена предност пред СДСМ, а прогнозираа и победа на ВМРО-ДПМНЕ во сооднос 2 наспрема 1 и тие анкети потоа се остваруваа во практика. Тогаш „Брима галуп“ за ВМРО-ДПМНЕ беше релевантна и објективна агенција, а сега кога таа објавува дека на предвремените избори што се пред нас СДСМ има одредена предност, има обиди за дискредитација како нерелевантна – вели Атанасовски.

Тој додава дека во една таква општа атмосфера на изградена недоверба кон анкетите, веројатно е проценето дека на овие избори нема да дадат особена психолошка предност и дополнителен мотив да се излезе и да се гласа за победникот.

– Можеби дел од одговорот зошто на овие избори нема толку многу анкети како порано е и финансискиот аспект и партиите сметаат дека е поприоритетно тие пари да се потрошат на друг начин на придобивање гласови. Теренското испитување на јавното мислење во Македонија е скапа работа – вели Атанасовски.

Анкети многу, а избори едни

Според вчера објавената анкета на ИПИС, за ВМРО-ДПМНЕ ќе гласаат 21,9 проценти од анкетираните, додека за СДСМ 19,8. Во албанскиот блок за ДУИ би гласале 5,9 проценти од испитаниците, за Коалиција АА и Алтернатива 4,2 отсто, а за Левица 1,9 отсто.

Вчера се јави и агенцијата „Брима галуп“, која ги демантираше тврдењата на опозициските медиуми дека воопшто не спровела анкета за расположението на гласачите.

– „Брима“ четири пати годишно редовно спроведува Омнибус истражување, во чии рамки е и секцијата со социо-политички стандардизирани прашања за Политичкиот барометар. Овие податоци кои се сопственост на „Брима“ ги нудиме на потенцијални клиенти. Истражувањето во јунскиот бран се спроведе од 5 до 14 јуни со телефонска анкета, а понудата ја прифати еден од клиентите со ексклузивно право на користење и објавување. Наводите дека „Брима“ воопшто не спровела анкета не се точни. Уште еднаш објаснуваме дека „Брима“ не ја објавила анкетата – се вели во реакцијата од агенцијата.

Според ова истражување, кое беше објавено во повеќе медиуми, 18,7 отсто од испитаниците одговориле дека би гласале за СДСМ, а 15,1 за ВМРО-ДПМНЕ.

Истражувањето на НДИ, пак покажа дека  колацијата предводена од СДСМ и БЕСА има предност од 3,6 отсто пред коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, односно 24,8 отсто од испитаниците кажале дека ќе ја подржат коалицијата „Можеме“, 21,2 отсто ќе гласаат за коалицијата „Обнова за Македонија. Според анектата на „Меклефлин“, пак, што ја пласираа функционерите на ВМРО-ДПМНЕ, за оваа партија би гласале 29 проценти од анектираните лица, а 27 отсто за СДСМ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот