Можело и поинаку: Арсовска, Славески и советниците дискутираа без навреди и расправии

Советот на Град Скопје на денешната седница има пред себе за расправа огромен дневен ред од 50-тина точки, меѓу кои и предлозите за измени и дополнување на Буџетот на Град Скопје за 2022 година, за планот за изменување и дополнување на планот на програми за развој за периодот 2022-2024 година, како и извештајот за извршување на Буџетот за периодот од јануари до септември годинава.

За разлика од изминатиот период кога дискусиите се сведуваа на меѓусебни расправии и навреди помеѓу градоначалничката Данела Арсовска, претседателот на Советот Трајко Славески и советниците, пред се со оние од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, денеска, барем до паузата која е во тек, дискусијата течеше мирно, како што треба да изгледа седница на Совет на Град Скопје.

ВИДЕО: Славески со мимики им даде тајм-аут за ручек на советниците во Град Скопје

Дури, градоначалничката го прифати амандманот поднесен од ВМРО-ДПМНЕ со кои се предлага во Буџетот да се издвојат 15 милиони денари за парична помош за социјално загрозени лица погодени од енергетската и финансиската криза. Со оваа мерка, според предлагачите, треба да бидат опфатени 13.000 семејства, приматели на социјална помош, стари и изнемоштени лица, на кои ќе им се помогне со субвенционирање на потрошената електрична енергија.

Дискусијата запна околу амандманот, поднесен исто така од советниците на ВМРО – ДПМНЕ, со кој се предлага 15 милиони денари да му се дадат на фудбалскиот клуб „Вардар“ заради потешкотии во функционирање, што би помогнале клубот да се врати од втора во првата фудбалска лига. Иако градоначалничката Арсовска појасни дека станува збор за приватен клуб и дека Град Скопје не треба да финансира приватни компании, а со таквиот став се согласија и дел од советниците, сепак советниците од ВМРО-ДПМНЕ, кои се мнозинство во Советот, без проблем го изгласаа амандманот.

Инаку, со измените и дополнувањата на Буџетот што се предлагаат, според објаснувањето на Снежана Митровска, раководител на Секторот за финансии, се врши прераспределба на средствата согласно динамиката со која се извршува Буџетот, а пред се се врши дополнување и распределување на средствата од блок дотациите за финансирање на средното образование и јавните институции.

Постоечките буџети за дотации и за донации се зголемуваат во износ од 52 милиони денари и со тоа Буџетот на Скопје ќе изнесува 7 милијарди и 233 милиони денари.

Притоа, како што рече Митровска, не се прават измени на вкупниот износ на Основниот Буџет, тој останува во износ од 4 милијарди 680 милиони денари. Прерапределувањето на средства се врши со кратење на повеќе позиции пришто се зголемуваат срествата за јавно осветлување за 52 милиони денари, за јавно зеленило 50 милиони денари, 20 милиони денари од средствата за извршни исправи се распределуваат во трошоци за исплата по спогодби за каснување од кучиња, а има и промени во парите за исплата на плати за пожарникарите, средства кои треба да бидат обезбедени со блок дотации.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот