Може ли ВМРО-ДПМНЕ да ја избегне внатрепартиската „граѓанска војна“?

Сашо Орданоски. / Фото: Слободен печат

Прашањето за новиот претседател на ВМРО-ДПМНЕ нема да се решава на вонредниот партиски конгрес во март, туку ќе се решава на суд. Тоа е така, бидејќи кога иницијативата за вонреден партиски конгрес ќе избере (белки) нов претседател, тој ќе треба да се пријави во надлежниот суд за да стане официјален правен застапник на партијата. Без такво правно легитимирање, тој избор ќе биде политички театар на противниците на Христијан Мицкоски и неговото раководно окружување.

Тоа нè води до суштината на вмровскиот начин, повторуван неколку пати во изминатите три децении, за правење партиски преврати: кај кого се партиските печати, тој владее со партијата. Претпоставувам дека Мицкоски или спие до партискиот сеф каде што се чуваат печатите, или веќе ги има прибрано во сопствениот џеб. Бидејќи, секоја трета опција (на пример, да има доверба во лојалноста на своите блиски соработници и сл.) може да се покаже како голем правно-политички ризик за него.

Тоа е легалната страна на таа тукушто започната приказна.

Прашањето, пак, на легитимитетот на изборот на новиот опозициски лидер – сеедно дали во март, вонредно, или во ноември, редовно – просто го наметнува очигледното, едноставно, иако можеби наивно прашање: па, зарем решението за овие неизвесни, а наскоро веројатно и драматични опозициски превирања, не се крие токму во она што владејачката партија (СДСМ) го воведува како нов демократски стандард во сопствените внатрепартиски избори – лидерот да го бира целото членство на партијата? Па, што би рекле Србите, „ком обојци, ком опанци“?!

Тоа ќе го даде најквалитетниот одговор на сите пропагандни манипулации кои се сега во оптек: дали Заев, а не голем дел од членството, стои зад иницијаторите за вонреден конгрес (бреее, многу способен овој Заев, бе, бира лидери и во власта и во опозицијата истовремено?!); дали, напротив, најголемиот дел од членството е зад Мицкоски (под услов тој, всушност, да се кандидира за нов претседателски мандат); дали и кој во пратеничката група, по општинските комитети, во младинските и ветеранските партиски структури и во Извршниот комитет на партијата му се лојални на претседателот Мицкоски; што мисли за целата работа Будимпешта… И така натаму.

Всушност, не е ли тоа изборниот „компромис“ што е прифатлив за големите демократи во опозицијата и од едната и од другата спротивставена страна, па наместо во март или во ноември, да закажат внатрепартиски претседателски избори во септември, таман до тогаш да го прилагодат партискиот статут за ваков вид на избори (ете, нека препишат од СДСМ), а и да го регулираат списокот на партиското членство? Така, можеби, на изборниот партиски „тикет“ ќе се појават и оние кои сега молчат, чекајќи да видат која страна ќе превладее и дали нема како резултат од кавгата на „двајцата“, некој „трет“ да извлече корист?

Имаше Мицкоски неколку години (а и квалитетни внатрепартиски понуди!) демократски да ја реформира ВМРО-ДПМНЕ, за да не се најде во сегашнава ситуација да ги крие партиските печати по сопствените џебови. Со самото тоа ќе влезеше во партиската историја, без разлика што можеби ќе излезеше од партиската активна политика.

Сега му останува последната шанса, наместо во жестока конфронтација со неистомислениците во партијата – по што, неминовно, ќе следува внатрепартиска „граѓанска војна“ и долгогодишна криза во ВМРО-ДПМНЕ – да се обиде да го понуди овој одговорен политички компромис, за општ избор од страна на членството на новиот партиски претседател. Да го реши проблемот со повеќе, а не со помалку демократија.

Не знам зошто, нешто ми вели дека до тоа нема да дојде. Арогантен, тврдоглав, опсесивен, а по малку и уплашен – овие другиве, пак, немаат што да изгубат. Рецепт за внатрепартиска катастрофа.

Извор: Цивилмедиа

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот