Мора ли да ја видиме смртта за да го цениме животот

Фото: Ерол Шаќири

„Сите среќни семејства личат едни на други, секое несреќно семејство е несреќно на свој начин“, вака започнува безвременската Ана Каренина на големиот Лав Толстој.

Денес на жалост бевме сведоци на една голема несреќа во соседна Албанија предизвикана од тешкиот земјотрес што се случи рано утринава. Оваа голема несреќа е збир на индивидуални несреќи на стотици семејства директни жртви на земјотресот, десетици од нив (до сега) ги изгубија и своите најдраги, покрај материјалната штета која не само во оваа ситуација, туку и во секоја ваква ситуација е небитна. Од многуте трагични слики и стории пренесени низ медиумите издвоив неколку кои предизвикаа солзи во моите очи, а верувам не ги оставија рамнодушни и најголемите неемотивци. Тоа се оние слики кои ве тераат да потонете длабоко во своите мисли и да ја барате смислата на животот. Првата е сликата со кучето кое одбива да го напушти безживотното тело на својот сопственик кој се наоѓа под урнатините. Втората е сликата на извлеченото дете од под урнатините кое преживеало заради пожртвуваноста на својата баба која решила да го даде својот живот поставувајќи го своето тело како штит врз телото на нејзиниот внук. Третата е онаа на спасениот дедо, кој сепак починал веднаш потоа, не како последица на повреди туку како последица на веста дека неговиот внук го загубил животот. Дедото умре од жална вест, толку знае да биде силна љубовта, толку знае да биде кобна тагата. Вакви слики и стории има и ќе има уште многу, сите „несреќни на свој начин“, но таа несреќа, таа тага ја носиме сите.

Покажавме дека сепак сме луѓе, излеговме од дневно политичкиот контекст, се издигнавме над националното, барем за момент го пронајдовме изгубениот човек во нас, покажавме емпатија, покажавме солидарност, вредности што во денешно време ретко ги среќаваме. Целиот ден низ медиумите и социјалните мрежи се споделуваат молитви за Албанија, се искажува сочувство, се искажуваат тагата, се искажува спремноста да помогнеме на нашите комшии погодени од големата несреќа. Пративме порака до комшиите дека сепак не се сами. Овој е еден од тие денови кои те прават горд жител на оваа земја каде ти се враќа вербата во човештвото и забораваш на сите злобни националистички и политички игри. Ова се моменти каде политиката не игра никаква улога. Но прашањето мое е следно, па зарем мора да ја видиме смртта за да го цениме животот. Зарем мора да бидеме сведоци на голема трагедија за да разбереме дека сите сме исти, од крв и месо, да разбереме дека сами не можеме, дека луѓето, семејството, роднините, комшиите, пријателите се се што имаме, дека луѓето околу нас се нашето вистинско богатство, дека животот нема цена. Материјалното кон кое се стремиме е безвредно, посебно материјалното стекнато преку газење врз човечки судбини што е карактеристика во нашето општество. Во вакви моменти сфаќаме дека луѓето околу тебе го прават животот, тие истите кон кои се однесуваме како кон предмети, како кон стока. Во моментот кога тие ќе заминат, посебно најблиските, сфаќаме во каква заблуда всушност ние живееме, но тогаш е касно.

Затоа драги мои сограѓани, на кои сум денеска посебно горд, бидете вакви секој ден, сакај го најблискиот, сакај го комшијата, сакај го тој до тебе зашто во тешките моменти тие се тие кои ќе бидат со вас. Денес сме, утре не сме, толку прост е животот. Пронајдете ја љубовта во себе, искажете ја секаде каде можете. Ајнштајн рекол дека темнината не постои, тоа е недостаток на светлина, дека злото не постои, туку тоа е отсуство на Бог, јас би се надоврзал дека омразата не постои, таа е отсуство на љубов.

Ќе завршам со една приказна за време на Втората светска војна. За време на Холокаустот, братче и сестриче биле раздвоени од семејството и качени на воз, кој ги пренесувал до логорските кампови. Додека се движеле кон возот, а не знаејќи дека всушност одат во смрт, братчето го изгубило едното кондурче. Сестрата се налутила многу зашто тие биле нови чевличиња купени пред само два дена и силно го искарала, по што братчето почнало да плаче. Двајцата ги качиле во посебни вагони и однеле во посебни кампови. Сестрата го преживеала холокаустот, братот не, расплаканото лице на братчето кое сама го предизвикала е последната слика од нејзиниот брат, таа морала цел живот со таа болка да живее.

Што сакам да кажам? Не дозволувајте само трагедиите да не спојуваат, однесувајте се со најблиските, семејството, роднините, комшиите, сограѓаните, па и со неистомислениците и противниците како да нема утре да ги видите. Еден трагичен ден тие навистина ќе ги нема, а вие ќе треба да живеете со последното нешто што сте им го кажале или направиле.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот