Монографијата „Македонската книжевна критика во 19 век“ е новата книга на д-р Славчо Ковилоски

Институтот за македонска литература ја објави монографијата „Македонската книжевна критика во 19 век“ од д-р Славчо Ковилоски. Книгата претставува своевидна историја за појавата и развојот на критиката во новата македонска книжевност и со неа се покажува развојот на македонската книжевна критика и книжевност во изминатите два века.

Во неа се презентирани педесетина автори со преку сто и педесет критичко-есеистички текстови што во иднина треба да заземат свое место во каноните на македонската литература. Без критичките одгласи од и за Теодосиј Синаитски, Партенија Зографски, Константин Миладинов, Григор Прличев, Трајко Китанчев, Крсте Мисирков и останатите македонски книжевници не би бил возможен развојот на македонската литература во 19 век, но и на македонската литература од 20 и 21 век, и во жанровска и во естетска смисла.

Притоа, се утврдува дека постоела македонска книжевна критичка мисла од ова време и се покажува дека таа во 20 век не е пројавена ад хок, како што беше презентирано од страна на некои книжевни критичари во минатото. Поради тоа, изготвена е соодветна периодизација и типологизација, а подетално се анализирани и одредени критички осврти кои своевремено ја бранувале тогашната јавност.

Според рецензентот проф. д-р Валентина Миронска-Христовска, книгата „претставува новина во македонската наука за литературна историја, а воедно и во македонската наука за литература и култура, воопшто. Со овој свој научен труд авторот Славчо Ковилоски пополни една празнина во нашата литературна историја, која е неопходна за проучувањето на развојот и на континуитетот на македонската литература, како и на науката за литературата и за културата, воопшто“.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 169, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 4-5.3.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот