МОН или родителите ќе купуваат таблети за учениците?

таблети
Таблет за следење дигитализирана настава / Фото: Архива на Слободен печат

Од учениците што не припаѓаат на социјално загрозени семејства се очекува да имаат уред за следење на дигиталната настава. Родителите се децидни, дека ако образованието е задолжително, мора да биде бесплатно за сите.

На први септември почнува учебната година со физичко присуство, а од годинава новитет е и дигитализацијата на дел од наставните содржини во прво и четврто одделение.

Голем дел од родителите изразија незадоволство од тоа дека училиштата, а особено во помалите места, немаат технички можности да спроведуваат дигитална настава бидејќи, не се снабдени со техничка опрема.  Тие прашуваат кој ќе им обезбеди технички уред за следење на дигиталната настава, односно таблети.

Министерката за образование Мила Царовска, промовирајќи ја дигиталната концепција, најави дека е изготвена цела програма за поддршка на училиштата од аспект на нивно опремување со кабинети по природни науки и опремување на дигитални библиотеки со таблет компјутери кои училиштата ќе им ги издаваат на времено користење на учениците кои немаат таблети. За процесот на дигитализација земјата добива помош од Светска банка. Досега, од 10 илјади таблети МОН додели само 3 илјади за семејствата од социјален ризик.

Родителите велат дека немаат намера да купуваат таблети бидејќи основното образование е бесплатно, а државата треба да им обезбеди на децата дигитални уреди за следење на новите наставни содржини.

Не размислувам од домашниот буџет да одвојам пари за да му купам на детето таблет кој ќе го носи на училиште со цел да може да ја следи наставата преку дигиталните учебници на Министерството за образование. Министерката Царовска најави дека сите училишта ќе бидат обезбедени со дигитална библиотека, односно таблети кои децата ќе можат да ги користат. Штом Министерството одлучило да ја дигитализира наставата, треба на децата да им обезбеди и алатки за тоа. Основното образование во Македонија е бесплатно и такво треба да остане, а не ние родителите да имаме дополнителни трошоци купувајќи таблети. На овој став сме речиси сите родители од одделението. Јас сум за дигитализација на наставата, од она што можев да го видам дигиталните учебници се интересни, но министерството треба да си размисли за трошоците околу нејзино спроведување, вели Анета, мајка на четвртоодделенка од Карпош.

За почеток, Концепцијата ќе се применува во прво и четврто одделение, а во наредните 5-6 години, етапно ќе се применува и во другите одделенија. Учениците ќе учат по целосно нови наставни програми и од нови материјали за учење, што содржат интерактивни слики, видеа, квизови, игри и анимации, објаснија од МОН.

Јовица Остојиќ, директорот на основното училиште „Кочо Рацин“ во Скопје, за „Слободен печат“ вели дека кај нив се е подготвено за учениците да ја започнат годината со новите дигитални учебници.

– Како што објасни министерката Царковска, на страницата на Министерството за образование ќе има линк до кој ќе имаат пристап и родителите. Поконкретна информација очекуваме деновиве. Инаку, сите деца ќе бидат опремени со техничка опрема за да ја следат наставата. Оние ученици од социјален ризик веќе добија таблети. Во нашето училиште нема родители што се пожалиле, вели Остојиќ.

Царовска завчера изјави дека учебниците за цела деветолетка се дистрибуираат до училиштата според нивните потреби и дека учениците и наставниците ќе ги имаат без доцнење, на почетокот на учебната година. Инаку, досега се објавени дигиталните учебници по математика и природни науки. За нив Царовска рече дека, не само што се модерни, туку и инклузивни, оти содржат и аудио поддршка.

Во меѓувреме, на социјалните мрежи родителите се прашуваат меѓу себе дали некој добил СМС-порака од училиштето за да набави електронски уред на кој ќе се инсталираат дигиталните учебници.

– Јас имам дете во четврто одделение и немам намера да купам никаков уред, бидејќи онаму каде што образованието е задолжително, мора да е бесплатно. Родителите да купат таблет е глупост затоа што властите живеат од наш данок, така што ниту ми дале ниту ќе ми дадат нешто, коментира на социјалните мрежи Даниела.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот