Мираковска кон бугарскиот европратеник: Не можете да ми кажете дека зборувам погрешен јазик, јас сум Македонка – тоа е мојот идентитет

Бугарскиот европратеник Јорданов и пратеничката Соња Мираковска/Фото: Скриншот

Испровоцирана од изјавата на бугарскиот европратеник Александар Јорданов во која тој посочи дека треба да се промени македонскиот Устав за да отпочнат преговорите со ЕУ, пратеничката Соња Мираковска му реплицираше со зборовите: Вие на мене ниту на моите сограѓани никогаш не можете да им кажете дека зборуваат на погрешен јазик. Јас сум Македонка, зборувам на македонски јазик и живеам во Македонија која сега се нарекува Северна Македонија и тоа е мојот идентитет.

Мираковска учествуваше во дебатата во Европскиот парламент во Стразбур во својство на копретседавач на Мешовитиот парламентарен комитет на Северна Македонија-ЕУ.

Мираковска му го нагласи мултиетничкиот карактер на македонското општество кое е пример во Европа.

-Ги признавам моите сограѓани Албанци, Турци па и Бугари ако ги има. Македонија е пример за мултиетничко општество. Овде се нашите колеги кои тоа можат да го потврдат. Се појави еден голем проблем поради нашето долго чекање, а тоа е земањето бугарски пасоши: за да се купи џип на почетокот, за да се отиде во Европа, нагласи Мираковска.

Пратеничката од редовите на НСДП потоа образложи како македонски државјани земале бугарски пасоши и како е тоа проблем на Бугарија што треба да си го истражи.

-Вие имате бугарски пасоши кои се регистрирани на една бандера во град во Бугарија. Вие имате бугарски пасоши кои се дадени на сосема нелегален начин и тоа е нешто што треба да се испитува во иднина. Тоа е ваш проблем кој вие треба да го решавате, потенцираше Мираковска.

Таа повика дека кризата која што претстои е можност луѓето да се погледат во очи и да си подадат рака.

-Оваа криза ќе е тешка за нас како мала земја, но ние сме навикнати на тешки услови. Кризата ќе биде потешка за другите, кои се навикнати поубаво да живеат. Ние долго време тешко минуваме и нашите граѓани минуваат тежок пат. Кога сте така научени, полесно ги минувате кризите. Но да се освестиме и да бидеме луѓе меѓу себе, за да можеме да се движиме по патот, нагласи Мираковска.

Во Европскиот парламент во Стразбур од вчера се одржува 20-от состанок на Мешовитиот парламентарен комитет – Република Северна Македонија и ЕУ со кој копретседаваат европараламентарецот Андреас Шидер и пратеничката Соња Мираковска.

Мешовитиот парламентарен комитет – Република Северна Македонија и ЕУ функционира од 2004 година како форум каде членовите на македонското Собрание и Европскиот парламент разменуваат искуства, мислења и ставови за актуелни прашања и за зајакнување на меѓусебното партнерство.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот