Мигрантите ќе ни организираат попис

Фото: Слободен печат

Во секоја подобра енциклопедија ќе го пронајдете податокот дека првиот попис во историјата е организиран во Вавилон (околу 4000 пр.н.е). Оваа античка држава се простирала на територијата на Месопотамија, денеска поделена помеѓу Сирија и Ирак.

Паниката од коронавирусот е заменет со паника од мигрантите, кои во огромен број чекаат на грчката граница и за неколку денови ќе се појават на македонската.

На социјалните мрежи фотографиите со заштитни маски се променија со миграните, кои турската полиција ги извади од бегалските кампови и со автобуси ги донесе пред грчката граница. Претставниците на Европската Унија, САД и Русија загрижено гледаат на овој проблем, но некако најзагрижени се домашните сеачи на страв и паника, кои нè уверуваат дека најдоцна за недела или две, во Македонија трајно ќе се населат неколку милиони мигранти од Блискиот Исток и Северна Африка.

Место за паника нема бидејќи многубројни се аргументите за тоа дека мигрантите само ќе поминат низ земјава и тоа во најкраткиот можен, како што впрочем беше и во 2015 година, кога низ Македонија пројдоа близу милион луѓе што влегоа и веднаш излегоа, барајќи ја својата среќа во Германија, Холандија, Данска, Шведска итн, односно во истите земји во кои и Македонците ја гледаат сопствената иднина.

Но, јас добив идеја дека не е лошо барем дел од мигрантите да задржиме и да ги искористиме нивните вештини тука. Тешко дека лекарите и инженерите ќе се сложат да останат да работат во Македонија, тоа е невозможно, но мислам дека би можеле да пронајдеме статистичари меѓу нив, кои ќе ни организираат попис.

Во секоја подобра енциклопедија ќе го пронајдете податокот дека првиот попис во историјата е организиран во Вавилон (околу 4000 пр.н.е). Оваа античка држава се простирала на територијата на Месопотамија, денеска поделена помеѓу Сирија и Ирак. Приближно, територијата на Исламскиот калифат контролиран од силите на ИСИС, беше распространет токму на местото на кое некогаш се наоѓал Вавилон. Затоа и најголемиот дел од бегалците што сега чекаат на влез во Грција, доаѓаат од територијата на некогашен Вавилон.

Од друга страна, Македонија никогаш не било местото на кое пописот лесно се изведувал. Во антички времиња попис никогаш не бил спроведен, а прво пребројување на населението и имотот се организирал во 18 век, кога земјата се наоѓа по османлиска управа. Првиот модерен попис е спроведен во 1921 година, кога Македонија е дел од Кралството СХС. Потоа следува редовно попишување кое е прекинато само за време на Втората светска војна, а најсложената статистичка операција е редовно извршувана до 1991 година, кога со осамостојувањето на Македонија се појавија првите проблеми. Пописот беше повторен во 1994 година и изведен уште еднаш во 2002 година, што е воедно и последниот реализиран попис.

Од ова може да се заклучи дека во Македонија попис може да се спроведе само доколку земјата не е суверена, односно како дел од некоја поголема и помоќна држава. Затоа сметам дека мигрантите, особено оние што побегнале од деловите на некогашна Месопотамија, своето прастаро искуство за попишување да го употребат во Македонија. Ние тоа чесно да им го платиме, па така задоволни да продолжиме на патот кон ЕУ. Мигранитите еден по еден, а ние организирано како нова членка на Унијата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот