Мицкоски се извини и други приказни за мали деца

Џабир Дерала / Фото: СП. архива

Државната делегација на Мечкин Камен, меѓу другите, ја следеа и неколку никогаш-северњаци кои сѐ уште живеат во режимското минато. Непознато е дали извинувањето на Мицкоски се однесуваше и на нив. Или нив ги координираше?

Мицкоски се извини за грешките на неговата партија во минатото. Се разбира, грешките во минатото ги направиле само и само тие што во сегашноста бараат тој да си оди од партијата. Веќе видено. Одиме понатаму!

Државната делегација на Мечкин Камен, меѓу другите, ја следеа и неколку никогаш-северњаци кои сѐ уште живеат во режимското минато. Непознато е дали извинувањето на Мицкоски се однесуваше и на нив. Или нив ги координираше?

По Митко Јанчев, на Мицкоски удри и Ивица Коневски: „Го допре дното и уште еднаш покажа дека не си достоен за функцијата што ја вршиш. Наместо ниски страсти и фрустрации, треба човек кој обединува. Редно е да си одиш од ВМРО-ДПМНЕ”. Јанушев ништо не рече, само Тимчо е на стража. Ама и тој нешто многу тивок денеска… Со нападот, и Коневски си купи влезница во „осуденото“ минато. Од друга страна, се слуша дека СДСМ го сметаат Мицкоски за најдобар вмровски шеф на сите времиња.

Добриот претседател на сите граѓанки и граѓани, Стево Пендаровски од Пелинце повика на граѓанско помирување. Благица Ласовска и Игор Јанушев стигнале 15 минути по сите делегации, па не го слушнале повикот на претседателот. Затоа, мислеле дека треба да останат дрски и да покажат непочитување кон празникот и манифестацијата. Но тие ѝ припаѓаат на сегашноста на Мицкоски.

И коњите со своите комити пристигнаа на Мечкин Камен со задоцнување, по владината делегација. Немаше тепачки меѓу комитите, па заптијата го задржа кубурот во футролата. Востанието заврши. Велат, ќе продолжат во илегала, во село Горно Лисиче. Ќе го чекаат Тодор Александров…

Илинден се слави и на плажата во струшко Ливадиште. На една страна, на масичка од Веро, пластичен пиштол вкрстен со нож и чаршавче со зборовите слобода, смрт, Македонија и цела-да-е песни, на друга страна deep house и опуштена, позитивна атмосфера. Сите заедно, не многу загрижени за тоа што им пишува и зборува министерот Филипче.

Во Трново, Тодор Петров и компанија донесоа одлука за „раскинување на Спогодбата Димитров-Коѕијас, известување со нота за таа одлука до Владата во Атина и до генералниот секретар на ООН“, со барање „да се продолжи членството во меѓународните организации под единственото државно име – Македонија“. Ништо страшно, само ги измешале малку работите, како и секогаш.

Симболично, два дена пред Илинден, Митко Јанчев тргна во освојување на тронот на вемеро. Така барем изгледа по неговото интервју во „Фокус“. Првиот комита што се испречи пред него, како жив штит на Мицкоски, беше Тимчо Муцунски. На Фејсбук, разбира се. Не е вемеро акционерско друштво, туку политичка партија, ни откри Тимчо и ги крена трите прста. Јанчев го прегази во неколку реда: „Ако јас во бизнисот толерирав лузери и сплеткароши никогаш немаше да го постигнам тоа што го постигнав. Ако во општината се опкружев со полтрони и интересџии никогаш Кавадарци немаше да биде ова што е денес“.

Охриѓани се жаљет на скопјанишчана, з’ш фрљет ногу смет. Скопјанишчана се жаљет з’ш немет к’ј да го фрљет сметот, корпи за џубре имат снемано, а то шчо имет, преп’лно било.

Ам, мојш во џепчето да го туриш ќесено!

Псе јо? Сите што ја поддржуваат македонската евроатлантска агенда нека влезат во владина коалиција. Ете, ДУИ ја спушти топката и се упати кон Илинденска бб.

„Во случајот со премиерот, симболиката е поважна отколку практичниот аспект“ – рече Бујар Османи за косовската Т7. Со други зборови, жедта за власт ги победува сите други потреби. Во случајов, тоа е добро за македонските национални интереси.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот