Мицкоски нема да го поништи Преспанскиот договор!

Љубиша Николовски
Љубиша Николовски. / Фото: Слободен печат

Каква калакурница направија овие од пи-ар тимот на СДСМ. Сакаат да го исплашат народот со изјавата на Мицкоски дека ќе го поништел Договорот од Преспа. Сега сето внимние му го дадоа на политичкиот противник. Сега Тој е оној што одлучува за иднината на државата. Сите очи на гласачите се во надеж дека Мицкоски ќе им го врати старото име на државата. Дури и оние малку порадикални поддржувачи на ВМРО-ДПМНЕ, (или повеќе на идеологијта на Груевски) огорчени од кооперативноста на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ со власта и со странците, кои беа подготвени и да не гласаат за оваа партија, сега се окуражени дека можеби сепак овој нов лидер и не е толку лош и дека ќе ја продолжи „цврстата патриотска“ политика на Никола Груевски.

Но тоа ти е математика во политика, се пресметува дали ти повеќе ќе добиеш или тој повеќе ќе изгуби.
Но, ајде да ги измериме аргументите. Што тоа ќе изгуби Македонија ако се поништи договорот од Преспа, а што ќе добие?

Експертите велат дека членството во НАТО немало да биде загрозено. Не сум сигурен во тоа, но некои експерти во јавноста веќе излегоа со такви тврдења. Значи еден плус за ВМРО-ДПМНЕ. Немало да имаме извесна иднина за членство во ЕУ. Па таа и така стана неизвесна со ветото на Макрон, барем за десетина години. Значи ништо не сме изгубиле. Половина поен за ВМРО-ДПМНЕ. Ако ЕУ не е во игра веднаш и сега тогаш ниту Договорот со Бугарија не важи. Ќе го решиме и Гоце и сите други македонски дејци, а и јазикот ќе си остане ист македонски. Уште еден поен за ВМРО-ДПМНЕ. Ќе сме добиеле можност за внатрешна употреба на името. Супер, тоа беше главната поента во битката со Грција – двојната формула. Уште еден поен за ВМРО-ДПМНЕ. Станаа три и половина. СДСМ засега има нула. Ќе имало проблеми во економијата. Зошто? И досега имало или немало. Барем нема да ги менуваат трговските марки. Уште е СДСМ на нула поени. Ќе се нарушел меѓународниот углед на државата. Тих, и сега не е нешто голем, а и да е од тоа не се живее. СДСМ остана на нула поени со нивната математика.

Но вистината не е баш таква.

Стварноста е дека ВМРО-ДПМНЕ нема да добие 81 пратеник. Точка. Тоа не можеше ни Груевски во најдобрите времиња, а не па Христијан Мицкоски, или било кој друг од било која партија. Може само во коалиција со една албанска партија. А тоа значи нема да може. Нема да може да има двотретинско мнозинство за да го промени Уставот и да го поништи Договорот од Преспа. Еден поен помалку. Ако и победи на претстојните избори, новиот премиер ќе биде премиер на државата Република Северна Македонија. Точка, два. И за воља на вистината тој тоа не го негира. Понатаму, историска заложба на ВМРО-ДПМНЕ е членство на државата во НАТО и сигурно нема така лесно да се откажат од стекнатата придобивка да се биде активен и полноправен член на Алијансата па веднаш да потрчаат да го променат името. Башка муабет е дали и америте ќе го дозволат тоа така лесно.

Значи името Северна уште долго ќе се врти зад, пред и под името на новиот премиер и цела Влада сосе министрите. Уште еден поен помалку. Остануваат еден и пол предност. Оваа предност оди заедно со недобивањето датум за преговори и членството во ЕУ. Но ако Мицкоски вели дека овој процес ќе го стави на брза лента значи дека и тоа како му е важно членството во ЕУ. Тогаш на брза лента се враќа и Договорот со Бугарија за кој и тој самиот на Борисов му рече дека нема проблем. Значи Гоце и се друго се враќа во пакет. Минус еден и половина еднакво нула.

Ако добро се изанализира ВМРО ДПМНЕ може и во минус да влезе. Имено, враќањето на „старо“ и не е баш така едноставно. Сто и четириесет држави кои не имаат билатерлано признаени со името Република Макеодонија, а кои сега ги известивме дека сме Севрна можеби нема тоа да го прифатaт.  И за нив тогаш враќањето на „старо“ ќе биде „само“ ФИРОМ. И ништо повеќе. Прашање е кој тоа го сака!

Значи Мицкоски нема да го поништи Договорот од Преспа и нема да го смени името на државата.
Џабе муабети? И да и не. На избори се се важи. Но СДСМ Ѝ ја даде таа предност на ВМРО-ДПМНЕ, непотребно.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот