ВИДЕО | Мицкоски се мисли да воведе данок за немажени и неженети

Владата сериозно размислува за воведување даноци за немажени и неженети граѓани, рече денес премиерот Христијан Мицкоски во обраќањето на тема „демографска рецесија“, спречување на иселувањето и зголемување на наталитетот во Македонија. Премиерот вели дека проблемот со иселувањето е голем, владата го препознава, не го крие, но и работи да го поправи загрижувачкиот тренд.

Тој смета дека Македонија е во демографска рецесија што е алармантна, иако истиот проблем постоел и во западноевропските држави.

Во политиката многу често зборуваме за кризите што ги гледаме. За оние што доаѓаат со драматични вести, со протести, со економски потреси. Но денес ќе зборуваме за една поинаква криза. За една тивка, долготрајна, системска и глобална криза, a тоа е демографската рецесија. Ова не е проблем само на Македонија. Ова е предизвик на целата Европа, па и пошироко би рекол. Германија, Италија, Бугарија, Јапонија, Јужна Кореја- сите тие држави веќе одамна се соочуваат со истото: Се раѓаат се помалку деца, населението старее, а младите се сè почесто во потрага по подобар живот надвор од границите. И ние не сме исклучок, рече Мицкоски.

Но, според него „нашата состојба е посебна“, зашто „додека некои држави ја забележуваат оваа појава како тренд, кај нас таа е аларм“. Мицкоски ја обвини владата на СДСМ за рушење на семејството.

Овој проблем од претходните влади се ставаше под тепих и не се гледаше на него како на сериозна закана.
Фактите се јасни: Во 2024 година, се родија 16.061 дете, а починаа 20.201 лице. Тоа е природен пад од 4.140 луѓе за само една година. Во последните 4 години, изгубивме повеќе од 33.000 жители- како да исчезна еден град од големина на Кавадарци или Кичево. Стапката на наталитет падна од 12,5‰ во 2010 година на само 8,8 проценти во 2024. Во многу општини и села веќе нема ниту прво одделение. Сè повеќе луѓе живеат сами. Сè помалку се женат, сè помалку деца се раѓаат. Ова не се само бројки. Ова е тишина што се шири. А кога велиме дека „ги рушеа темелите“, не мислевме само на корупцијата, на стопираните проекти, на нефункционалните институции од минатата влада. Мислевме и на ова. На рушење на семејството. На губењето на иднината. На иселувањето како единствена опција. Затоа денес кажуваме гласно: Оваа Влада не го премолчува проблемот. Го именува. Го признава. И се бори со него, рече премиерот.

 

Мицкоски посочи дека таа борба е на целата држава, што треба да се води во градинките, во училиштата, во родилиштата, во домовите, во иселеничките клубови, на граничните премини каде се простуваат мајки и синови.

Затоа, нашата борба е: Да го направиме животот овде вреден. Да го направиме мајчинството благослов, а не товар. Да им дадеме на младите причина да останат. Да изградиме институции што не ја трошат туѓата младост, туку ја негуваат. Да изградиме држава во која надежта е поважна од пасошот. Знаеме дека нема магично решение. Но има намерна, постојана, државничка борба. И ние ја почнавме. Секоја мерка, секоја инвестиција, секоја политика што ја носиме- е со цел да ја вратиме вербата. И тука сериозно размислуваме за дополнителни даноци за немажени и неженети, рече премиерот. 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот