Мета ја поздрави Резолуцијата на ЕП за Албанија и порача дека на 25 април Албанците по секоја цена ќе го бранат слободниот глас
Албанскиот претседател Илир Мета го поздрави изгласувањето на Нацрт-резолуцијата за Албанија од страна на Комисијата за надворешна полтика на Европскиот парламент.
Преку статус на „Фејсбук” тој им се заблагодарва на, како што наведува, двете големи политички групи, кои ја понудија „својата поддршка за европската иднина на Албанија”.
„Ја поздравувам Нацрт-резолуцијата за Албанија, која беше одобрена денеска од Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент. Им благодарам на двете големи политички групи за јасната поддршка на европската иднина на Албанија, што поминува само преку целосно исполнување на условите”, напиша Мета.
Меѓудругото, претседателот Мета ги повика Албанците по секоја цена да го бранат слободниот и фер глас.
„Нема преговори без слободни и фер избори. Нема напредок без казнување на сторителите на досиејата 339 и 184 за изборни злосторства. Никој нема да биде амнестиран! Слободниот глас на 25 април Албанците по секоја цена ќе го бранат и нема да поштедат никого што ќе се осмели да ја отуѓи плебисцитната волја”,порачува Мета.
Како што пренесуваат албанските медуми, во еден од усвоените амандмани се изразува загриженоста за наводите за купување гласови и се нагласува дека услов за преговори на Албанија со ЕУ е кривично гонење за поткуп на гласови. Исто така се подвлекува и проблемот поврзан со перењето пари, особено во секторот градежништво и недвижнини.