Мекензи: Талибанците ќе мора да освојат градови ако сакаат да ја вратат контролата во Авганистан

Фото: EPA-EFE/M SADIQ

САД ќе продолжат да изведуваат воздушни напади за поддршка на авганистанските сили во борбата против талибанците, изјави регионалниот воен командант на САД.

Американските и другите странски трупи се повлекуваат од Авганистан, а талибанците за кусо време, во последните неколку недели, ги вратија руралните области и околните провинциски метрополи.

Американскиот претседател Џо Бајден во мај соопшти дека американската армија ќе се повлече од Авганистан до почетокот на септември, на 20-годишнината од военото присуство во оваа земја.

-САД во текот на изминатите неколку дена ја засилија воздушната поддршка за авганистанските сили и подготвуваме сме тоа да го правиме и во наредните недели доколку талибанците продолжат со нападите, изјави генералот Кенет Френк Мекензи.

Мекензи, кој е шеф на Централната команда на САД за регионот на Авганистан, се уште не прецизираше дали американските сили ќе продолжат со воздушните напади по 31 август, кога официјално завршува нивниот воен ангажман.

-Авганистанската Влада ќе биде на испит, а талибанците се обидуваат да нападнат молскавично, наведува американскиот генерал.

Истакнува, сепак, дека политичкото решение за конфликтот останува на маса и дека победата на талибанците е неизвесна.

Претставници на авганистанската влада и талибанците се состанаа во Доха, Катар, но дипломатите велат дека е постигнат мал напредок од почетокот на разговорите во септември.

Авганистанската војска развива нова стратегија против талибанците и ги концентрира силите околу градовите како Кабул, граничните премини и важните патишта. Американскиот министер за одбрана Лојд Остин изјави дека задача на авганистанските сили е да го забават напредокот на талибанците пред тие да ја преземат територијата.

Генералот Мекензи предупреди дека талибанците ќе се фокусираат на населените урбани области.

-Тие ќе мора да ги освојат градовите доколку сакаат да ја повратат контролата. Но, не е сигурно дека ќе можат тоа да го сторат, рече генералот Мекензи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот