Максим Ацевски ќе биде нов државен ревизор?

Најсериозен кандидат за прв човек на Државниот завод за ревизија е ревизорот Максим Ацевски, дознава „Слободен печат“ од свои извори. Тој беше помошник на главниот државен ревизор и е еден од малкумината ревизори кои настапуваа во медиумите. Според извори во СДСМ, Ацевски е договор меѓу ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ, а во ВМРО-ДПМНЕ, пак кратко посочуваат дека за предлогот сметаат на консензус од сите партии.

Власта и опозицијата веќе две години не можат да се договорат за тоа кој ќе застане на чело на Државниот завод за ревизија. За денеска закажаната седница на собраниската Комисијата за избори и именувања е со единствена точка – избор на ревизор. Медиумите пишуваа дека во април годинава до ДКСК против Ацевски и уште еден државен ревизор била поднесена претставка за судир на интереси. Во претставката до ДКСК пишувало дека Ацевски, освен што бил државен ревизор, бил и основач и во одреден период и овластено лице на Здружението на финансиските работници на локалната самоуправа и јавните претпријатија од Велес. По шест месеци Комисијата, иако заклучила дека има судир на интереси, ја запира постапката, бидејќи била известена дека на Ацевски му престанал работниот однос во ДЗР, а со тоа му престанал и статусот на овластен ревизор.

Вработените во Државниот завод за ревизија во неколку наврати досега предупедија за опасностите од немањето директор на Ревизорската куќа. Според нив, државата со тоа ризикува да нема контрола врз трошењето на буџетските пари од страна на партиите. И првиот човек на Транспарентност Македонија, Слаѓана Тасева, за „Слободен печат“ вели дека долгото политичко натегање остава повеќе последици за целата состојба со ефикасната контрола на трошењето на јавните пари.

– Со двегодишното политичко пазарање, без да се зборува за компетентноста и квалитетот за изборот на човек кој треба да е стручен и кој ќе има интегритет, излезе на виделина дека партиите атакуваат врз независноста и интегритетот на ревизорот. Досега ревизорската инстиутиција била најнезависната институција која имала најголем интегритет. Очигледно тоа некому не му одговараше – вели Тасева.

Според неа, со Законот за државна ревизија, се предвидува мандатот на ревизорот да биде 9 години. Тоа е намерно направено, вели таа, за да не може изборот на ревизорот да се совпадне со изборните циклуси.

– Поради немање на ревизор, изборите не можат да бидат одложени, но ќе се оневозможи ефикасно контролирање на трошењето на парите и на политичките партии кои еднаш годишно треба да достават извештај за тоа како ги трошат средствата кои им се дадени од буџетот. Знаеме дека тие се финансираат за дневното работење од буџетот. И кога ќе настапат избори, Државниот завод има посебна обврска за следење, односно за ревизија на трошењето во изборна кампања. Секако дека во овој случај доцнењето со изборот на ревизорот, оди во полза на политиката и на политичарите, а не на јавниот интерес и на граѓаните. Политичарите со своето однесување сакаат едноставно да избегнат контрола и да го стават ревизорот под своја контрола – вели Тасева за „Слободен печат“.

На 24 декември 2017 година истече мандатот на главниот државен ревизор, Тања Таневска, за што беше информирано Собранието. Во изминативе неполни две години со институцијата раководеше заменикот на главниот државен ревизор, Насер Адеми. Мандатот на заменикот во траење од 9 години, истече на 4 октомври 2019 година, без да биде назначен овластен потписник, со што функционирањето на институцијата е целосно блокиранo. И за оваа состојба Државниот завод за ревизија пред два месеци со допис го информираше Собранието.

Државниот завод за ревизија е Врховна ревизорска институција која е формирана да обезбеди независна контрола на наменското и законското трошење на средствата на даночните обврзници како и да му обезбеди поддршка на Собранието во исполнувањето на неговите надлежности, преку идентификација и презентација на неправилности, случаи на незаконско работење и можни случаи на корупција и злоупотреба на функција.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот