Македонско девојче во Мавританија

Божидар Миљовски, Фото: Архива

Келнерката во аеродромскиот ресторан во главниот град на Мавританија на чист македонски јазик ни се обрати: „Јас овие три дена бев во Македонија со моите сограѓани Македонци!“

Во далечната 1969 година, кога работев во ГП „Маврово“, добивме преку „Енергопроект“ од Белград да градиме земјена брана во Гвинеја, Африка. Четворица вработени од фирмата добивме задача да одиме во Гвинеја да ги проучиме условите за организација на градилиштето за браната. Тргнавме за Гвинеја со лет Скопје-Амстердам со ЈАТ и Амстердам- Гвинеја со КЛМ. Кога летавме над Африка започнаа проблеми, па авионот мораше да се спушти во главниот град на Мавританија. Во ресторанот во аеродромската зграда цел ден потпивнувавме, разговаравме, но најчесто говоревме за убавата синоока  келнерка, која љубезно ни се смешкаше. На крајот на денот ни кажаа дека летот ќе продолжи утре. И вториот ден го поминавме во ресторанот со убавата келнерка. Третиот ден пак во ресторанот. Тогаш ни кажаа дека ќе летаме околу ручек. Ја повикавме убавата келнерка да нарачаме. Таа се сврте, покажа кон Славе Јовановски, кој беше од Гостивар и секогаш високо потстрижен поради што го викавме Албанец. Келнерката викна – Албанец! Ние останавме скаменети, што е сега ова!?

Нашата келнерка на чист македонски јазик продолжи: „Јас овие три дена бев во Македонија со моите сограѓани Македонци“. Ја прашав што е ова што го кажува и таа ја раскажа својата приказна.

Во далечната 1918 година, кога руските царски луѓе бегале од комунистите, татко ѝ како руски офицер дошол во Дебар. Таму ја сретнал мајка ѝ, која се заљубила во него и се омажила. Подоцна заминале од Дебар во Мавританија. Таму им се родила ќеркичка (нашата преубава келнерка), која пораснала и еве нѐ служи нас. Ја прашав како научила македонски, а таа одговори, речиси со солзи во очите: „Мајка ми од голема жал за Дебар и за Македонија, а беше школувана жена, ме научи да зборувам и да пишувам и дома цело време зборувавме на македонски, иако завршив француски колеџ“. Во еден момент таа почна да ја пее песната „Македонско девојче китка шарена… нема, нема, не ќе се роди, поубаво девојче од Македонче…“ Ние се стаписавме, а таа ни објасни: „Се допишував со еден мој братучед во Дебар и тој ми испрати неколку касети со македонски песни“. На моето извинување за тоа што ѝ дофрлувавме, почна да плаче и да повторува: „Овие три дена бев во Македонија, јас уживав со вас. Мајка ми од голема љубов за Македонија ми раскажуваше сѐ за животот во Дебар, во Македонија, и постојано повторуваше дека Дебар е мал еснафски град, со долга градска традиција и со голема слога помеѓу Албанците и Македонците, а не како во други места“. Кога дојде време да заминеме, со солзи во очите нѐ бакна и рече: „Поздравете ми ја мојата Македонија и Дебар“.

Еве еден осамен пример како и колку се сака татковината и јазикот! Случајот со оваа девојка долго ме прогонува во моите дружења со албанските работници на објектите и на градилиштата – Глобочица, Шпилје, Глажња, пруга Гостивар-Кичево, Сарски Води и во Градежниот институт каде што повеќе од половина од работната сила беа Албанци, а јас бев раководител. Не знам колку баклави сум изел кај албански фамилии за Бајрам. Денес, 50 години подоцна, не се сеќавам за некаква нетрпеливост кон албанските жители. Сега сфаќам каде лежи зајакот. Политичарите ги насочуваат сиромашните луѓе едни против други со националистичка реторика за полесно да владеат (Тиранска декларација, двојазичност, Албанец премиер…). Тие го кажуваат сето тоа за да ги „негуваат“ конфликтите помеѓу двата народа, без ниеден повик за соживот. Јас лично знам, како што знаела и мајката на нашата келнерка во Мавританија, за многу средини како Дебар. На пример, во Ресенско животот и на Македонците и на Албанците се одвива како во цивилизирана, современа средина со надежи за перспективна иднина.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот