Македонските одбојкари атакуваат на третата победа во Европската златна лига

фото: vfmkd.org.mk

Денеска познат ривал за најдобрата македонска одбојкарска репрезентација во рамките од петтото коло од Европската златна лига. Натпреварот Хрватска-Македонија ќе биде емитуван на каналот „Арена 2“ од 20.00 часот, информираат од федерацијата.

Нашите одбојкари во Скопје ја совладаа Хрватска во пет сета и поведоа со 3:2 во меѓусебните дуели, а со тоа создадоа шанса да бидат втори во групата „Б“ од најсилното годишно натпреварување на ЦЕВ.

Целта за натпреварот во арената „Крешимир Ќосиќ“ е Македонија да игра добро како во Шарлоа во саботата, но за разлика од гостувањето кај Белгија, овој пат избраниците на селекторот Јошко Миленкоски ќе се обидат да го освојат тој еден единствен поен кој недостасуваше за завршување на сетовите во наша полза.

Во најавата за вечерашната пресметка во Задар, главна карактеристика е променетиот состав на хрватскиот селектор Седрик Енар. Францискиот стручњак го загуби првото тренерско соочување со македонскиот кормилар Јошко Миленкоски, но сега ќе може да се потпре на двајца проверени играчи во првиот состав. Примачот Филип Шестан, кој е соиграч на нашиот капитен Никола Ѓорѓиев во АЦХ волеј, а во Лигата на шампионите сезонава имаше 51 поен на шест натпревари, се приклучи на „коцкестите“ и со оглед на свежината, како и на играчкиот квалитет, ќе биде големо засилување на својот национален состав. Енар сега ќе има посилна примачка дијагонала со Зељковиќ и со Шестан, што значи подобар прием и поголем предизвик за македонската одбрана, а поголема опасност ќе има и од коректорска позиција затоа што на теренот ќе се врати Петар Џирлиќ, кој е висок 206 сантиметри. Олеснување за нас ќе биде тоа што ќе го нема повредениот Вишиќ, а тоа е техничарот кошто ја врати Хрватска во „Борис Трајковски“, па Енар ќе се потпре само на Бакоњи како главен и единствен организатор на играта.

Кај нас, составот е стандарден, атмосферата е победничка, а македонските одбојкари беа отворени во искажувањето на намерите да слават на денешната пресметка. Во досегашните настапи во Европската златна лига, „црвено-жолтите“ оставија подобар впечаток, ги добија двете домашни средби со Белгија и Хрватска, а загубија на гостувањата кај Украина и во Белгија. Време е за наш прв успех надвор од Македонија, а тоа би значело дека Хрватска ќе го претрпи петтиот пораз. Со оглед дека Украинците во оваа рунда се фаворити против Белгија, триумф на Јадранот ќе значи враќање на Македонија на второто место на табелата пред неделното соочување со Украинците.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот