Македонската уметница Марија Павловска е добитник на престижната меѓународна награда „Пегаз“

Награда „Пегаз“

Меѓународната награда за уметност „Пегаз“ (Pegasus for the Arts) ја доделува италијанската Фондација „Ефето арте“ (Effetto Arte) во Венеција. Уметнички директор на фондацијата е Сандро Сарадифалко, додека куратори се Салваторе Русо и Франческо Русо.

– Особена чест ми е што сум рангирана меѓу најдобрите. Благодарна сум на мојот неверојатен тим и семејство, неверојатни куратори, колеги и исклучителното раководство на „Мана контемпорари“ во САД (Mana Contemporary USA), каде што моето студио е повеќе од една деценија, произведувајќи ги моите најнови проекти и уметнички дела кои беа забележани и поканети да се прикажат на меѓународно ниво – истакнува Марија Павловска.

Свеченото доделување на наградата се одржало на 18 мај 2023 година во Палатата Скуола Гранде Ди Сан Теодоро – Венеција, во присуство на колекционери, новинари, политичари и љубители на уметноста.

Наградата „Пегаз“ е признание што им се доделува на сите оние уметници кои низ годините се истакнале со нивното уметничко истражување и со стилската вредност на нивните уметнички дела. Наградата е за уметници кои се достојни со нивните уметнички заслуги да бидат истакнати на меѓународно ниво. Делото на Марија Павловска е забележано и вклучено меѓу 50 избрани меѓународни современи уметници во кои треба да се инвестира.

– Оваа награда му ја посветувам на мојот покоен татко уметник Таки Павловски, кој почина истиот ден на церемонијата кога ми беше доделена наградата. Тој е важна фигура во мојот живот и една од причините што сум тоа што сум денес – посочува Павловска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот