Македонија скржава кога треба да даде пари за образование

Фото: МИА

Средствата што се одвојуваат од државниот буџет за образование се ниски и во последните девет години се забележува тренд на постојано намалување, а форматот во кој во моментот е достапен буџетот на Министерството за образование не овозможува разбирање на одделни ставки, се дел од заклучоците од истражувањето што денеска го презентираше Независниот академски синдикат.

Истражувањето е реализирано во рамки на проектот „Финансиска транспаретност и отчетност во високото образование и ануката во РСМ” поддржан од Фондацијата Отворено општество-Македонија.

Според доц.д-р Бранимир Јовановиќ, средствата што се издвојуваат за образование од државниот буџет се меѓу најниските во Европа. Тие изнесуваат околу 3,7 проценти од БДП и само четири европски земји имаат пониско ниво од нашата држава.

Во последните девет години се забележува тренд на постојано намалување на средствата за образование, вклучително и средствата што се одвојуваат во високото образование, при што 1,1 проценти од БДП во 2010 година, се сведени на 0,8 проценти во 2018. Ниски се и средствата што се вложуваат во науката, а од нив само еден дел се насочени кон поддршка на научно-истражувачката работа, додека остатокот е наменет за финансирање на научните институти.

Професорката Мирјана Најчевска, која ги презентираше заклучоците од своите истражувања за достапноста на Буџетот на МОН, вели дека во пракса буџетот на МОН е формално достапен во конечната форма, меѓутоа формално не се достапни различните фази на креирање на буџетот. Форматот во кој во моментот се нуди буџетот не овозможува разбирање на одделните ставки, нема прецизни прикази со недвосмислено значење и нема објаснување на сумите во одделни сегменти.

Според Најчевска, за еден буџет да биде економичен, ефикасен и ефективен треба во неговото креирање да бидат инкорпорирани реалните потреби и интереси на буџетските корисници, а РСМ се наоѓа на најниско ниво во однос на можноста за партиципација во креирањето на буџетот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот