Македонците ќе можат слободно да патуваат во Германија: Границите ќе бидат отворени за вакцинираните лица

Одлуката на германските власти значи дека македонските државјани од петок 25 јуни ќе можат слободно да влегуваат на германска територија доколку се целосно вакцинирани без оглед на причината за патувањето. Германската влада од следниот петок ги укинува строгите ограничувања за влез на патници од трети земји надвор од ЕУ. 

Од петок 25 јуни во Германија ќе бидат дозволени посети и туристички патувања за вакцинирани лица од земји надвор од ЕУ, соопшти вечерва (17.06) германското министерство за внатрешни работи. Олеснувањето на мерките најпрво ќе важи само за целосно вакцинирани лица со вакцина одобрена од Европската агенција за лекови (ЕМА).

Во моментов, одобрени од ЕМА се вакцините на Бајонтек/Фајзер, Модерна, АстраЗенека и Џонсон и Џонсон. Руската вакцина Спутник V и двете кинески: Синофарм и Синовак засега немаат зелено светло од европската агенција.

Како целосно вакцинирани лица се сметаат оние кај кои минале 14 дена од примањето на втората доза на вакцината. За да се спречат измами со вакциналните сертификати, нивната точност ќе ја проверуваат авионските компании и полицијата.

Исклучок од зелената листа ќе бидат патници од ткн. територии со вирусни варијанти. Тоа, според Институтот Роберт Кох, се држави како Индија, Велика Британија или Бразил, каде се појавија нови варијанти на коронавирусот.

Со одлуката, германската влада се приклучува кон препораката на ЕУ со која се согласија сите 27 земји членки. Сепак, земјите-членки и во иднина ќе имаат право при влез во земјата да наметнуваат и други барања како негативен ПЦР тест или обврска за карантин за патниците од трети земји.

Од неделата (13 јуни) Македонија е на зелената листа на држави со ниска инциденца на коронавирусот, на чии државјани им е дозволено патување во Германија. И ЕУ, во меѓувреме, ја смести земјата на зелена листа по падот на бројот на новозаразени од Ковид-19.

 

Видео на денот