Локални избори 2021: Малите партии останаа навистина мали

Локални избори 2021 / Фото: Слободен печат, Драган Митрески

Дваесетина мали политички партии кои настапија самостојно вкупно освоија нецели 50.000 гласа на советничките листи ниво на целата држава во првиот круг од локалните избори на кој гласаа вкупно 938.625 граѓани, а важечки се 893.343 илјади гласачки ливчиња. Ако од оваа сума се одземат речиси 7.000 гласа што ги освои партијата ГРОМ во општината Карпош, „скорот“ на дури 20 мали партии паѓа на само 43.000 гласа.

Коалициите на двете најголеми партии, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, како и ДУИ, Алијанса за Албанците со Алтернатива, Беса, Левица, ДОМ со ЛДП и независните кандидати освоија вкупно 844.300 гласа, што покажува дека од базенот гласачи моментно најмногу црпат овие шест политички субјекти. Останатите партии се речиси и невидливи за гласачите, а меѓу нив, освен неколку партии на Албанците, Турците, Ромите и Бошњаците, има и со подолг политички стаж како Комунистичката партија на Македонија, МААК, Интегра, Единствена Македонија, Партија на обединети демократи (ПОДЕМ), но и нови партии како Македонска ера трета, Родина Македонија, Демократи и Твоја партија. Некои од лидерите на овие партии решија директно да измерат колку тежат пред гласачите и се кандидираа за градоначалници, па лидерот на Твоја партија Александар Тортевски како кандидат за градоначалник на Град Скопје доби 2.669 гласа, за истата функција лидерот на Родина Македонија Владимир Трајковски освои 1.739 гласа, додека за лидерот на Демократи, Јорго Огненовски како кандидат за Битола гласаа 693 граѓани.

Според политикологот Владимир Божиновски „проблемот“ со малите партии на македонската политичка сцена е сложен за анализирање, затоа што постојат поради разни причини и заради различни цели.

– Ако партијата е нова, нормално дека на почеток ќе биде мала додека се развива. И Левица беше мала партија, но се разви во сериозен субјект што освои 50.000 гласа. Треба време за граѓаните да се запознаат со политичките програми на новите партии, но поголем проблем е што тие  немаат политичка инфраструктура која подразбира луѓе, членство, финансии итн. Градењето на инфраструктурата трае, а може да се заврши само ако луѓето во раководството на тие партии имаат некакви позиции, како советници и слично. За малите партии е проблем и изборниот модел, кој не им овозможува да дојдат до израз и да освојат повеќе советнички места или пратеници на парламентарните избори. Со шест изборни единици малите партии треба да градат инфраструктура во сите, а немаат толку сила, па им пропаѓаат гласовите или се одлучуваат да градат инфраструктутра во една или две изборни единици, за евентуално да освојат нешто – објаснува Божиновски за „Слободен печат“.

Тој смета дека со една изборна единица помалите партии можеби и ќе може да освојат повеќе пратенички или советнички места, особено партиите кои досега биле на граница на природниот цензус од 3 отсто во изборните единици, со скор од 6.000 до 8.000 гласа.

– Треба да имаме в предвид и дека не се сите мали партии од ист карактер. На пример ЛДП и ДОМ, како постари, сега решија да настапат самостојно и освоија доволно гласови за да имаат можеби тројца пратеници кога овие би биле парламентарни избори. Со самостојниот настап ја измерија нивната политичка тежина, која можеби и се зголеми поради излегувањето од владината коалиција на локално ниво. Од друга страна, некои мали партии кои биле во власта сега не успеаја ниту да се пререгистрираат во суд, како Обединети за Македонија на Љубе Бошковски. Има постари помали партии, како Демократски сојуз на Павле Трајанов кои секогаш се во власта, претходно со ВМРО-ДПМНЕ, сега со СДСМ, а ако ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт, и ДС ќе сака пак да им се приближи. Таквите партии функционираат исклучиво ако нивни членови држат функции и позиции на локално или државно ниво – вели Божиновски.

Според него, тешко ќе дојде до тоа секоја партија сама да настапува на избори, затоа што кај нас големите коалиции служат и за „чалам“, за покажување на политичка сила и голем коалициски капацитет.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот