Личните карти засега се само личен проблем

Изработка на лични карти во МВР

Техничкиот премиер Талат Џафери не мисли дека работата со документите е толку итна и вели дека оние 100 илјади граѓани со истечени лични карти ќе можат да ги сменат до денот на гласањето, до кога има уште 50 дена

Иако двете најголеми партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ вчера изразија начелна согласност дека со измени на Изборниот законик ќе овозможат пасошите со старото уставно име и со неистечен рок на важност да важат како документ за идентификација на претстојните претседателски и парламентарни избори за граѓаните на кои им е истечена личната карта, неизвесно е дали тоа ќе се случи. Се очекуваше уште деннеска на нова собраниска седница да се најдат измените на Изборниот законик, во кој освен преодна одредба за важноста на пасошите ќе се најдеа и препораките на ОБСЕ/ОДИХР, сепак, до таква седница не дојде, затоа што партиите сè уште не се усогласиле околу текстот на законот.

Собранието има уште три недели време за усогласување за измените на Изборниот законик, затоа што пратениците најавија дека по 4 април, кога официјално ќе почне предизборната кампања, повеќе нема да носат закони за да не се злоупотребува собраниската говорница. И додека усогласувањето со препораките на ОБСЕ не е толку приоритетна измена и досега поминаа неколку изборни циклуси без тие препораки да се внесат во Изборниот законик, од исклучителна итност е во преодна и завршна одредба да се внесе дека старите пасоши (без Северна) ќе служат како документ за идентификација за гласање, затоа што повеќе од 100.000 граѓани во моментот се со истечена лична карта и со стар пасош и не можат да гласаат. Овој податок го изнесе министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, а го потврди претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски и се очекуваше измените на Изборниот законик брзо да се најдат на дневен ред пред пратениците, затоа што во прашање е огромна бројка на гласачи на кои треба да им биде обезбедено загарантираното право на глас.

Џафери: Има време секој да извади лична карта до изборите!

Од друга страна, техничкиот премиер Талат Џафери не мисли дека работата е толку итна. Тој денеска се повика на податоци од Министерството за внатрешни работи, според кои во текот на февруари се изготвени повеќе од 95 илјади пасоши со новото име на државата, па смета дека со оваа динамика е реално да се очекува дека тие 100 илјади граѓани со истечени лични карти ќе можат да ги сменат до денот на гласањето, до кога има уште 50 дена.

– Од 1 до 29 февруари годинава во МВР биле поднесени 123.873 барања за пасоши, од кои биле изготвени 95.267, што е показател за динамиката на работа. За еден месец се издадени над 95 илјади патни исправи. Биле поднесени 82.235 барања за лични карти, а изготвени се 71.410. Поднесени се 46.280 барања за возачки дозволи, а добиле 39.552 граѓани – информираше Џафери.

Но, тој не беше прецизен дали за овие издадени документи барањата се поднесени во февруари или во претходните месеци. Не прецизираше ниту дали бројките се однесуваат само за изработени или и за подигнати пасоши. Џафери рече дека таква статистика добил од МВР и таква ја презентира во јавноста, а доколку некој му дал лажни информации, за тоа може да се поведе соодветна постапка.

На прашањето што ако определен број граѓани останат без важечки документи во пресрет на изборите, Џафери рече дека има доволно време.

– Има време секој да побара замена на документите, а потоа е наша обврска да излеземе со соодветна одлука како да постапиме доколку има некој проблем. Јас не преферирам да зборувам хипотетички што ќе сработам, ќе излезам и ќе кажам конкретно кој проблем сум го решил – рече Џафери.

Тој порача дека надлежната институција треба да ја заврши својата работа, а не да се правда за несработеното.

Не е јасно врз основа на што премиерот мисли дека граѓаните имаат доволно време до изборите да извадат нова лична карта, кога телефонскиот број за закажување и натаму многу тешко се добива, а кога ќе се добие оператор, закажува термин за во август или во септември! Исто така, не е јасно кога граѓаните што допрва ќе закажат термин и ќе подигнат лична карта ќе успеат и да се запишат во Избирачкиот список, за кој увидот трае до 18 март, а Државната изборна комисија ќе го заклучи најдоцна до 2 април!

Тошковски со различни бројки од Џафери

Бројките што ги презентираше Џафери, а кои ги добил од МВР, воопшто не се совпаѓаат со бројките што ги објави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Тој вчера на Фејсбук соопшти дека е зголемен бројот на издадени документи во споредба со претходно – во февруари биле издадени 57.549 пасоши, во јануари 35.783, а во декември 20.783.

– Недозволиво е граѓаните да бидат лажени и манипулирани! Официјалните бројки говорат дека во февруари бројот на пасоши кои се изработени и подигнати од граѓаните во однос на претходните месеци е енормно зголемен. Ова е резултат на целосната реорганизација што ја направивме во овој дел. Зошто овие бројки не биле достигнати претходно е прашање кое треба да биде одговорено од други, а во меѓувреме ние ќе продолжиме со работа и со изнаоѓање на решенија – објави Тошковски.

Број на издадени пасоши во декември, јануари и февруари според министерот за внатрешни работи Панче Тошковски / фото: Фејсбук на Тошковски

Голем проблем е и неорганизираното издавање на изработените документи, поради кој граѓаните не можат да ги подигнат готовите лични карти и пасоши и мора по неколку пати да одат до пунктовите, за што неодамна предупреди народниот правобранител Насер Зибери.

– До народниот правобранител има голем број поплаки за ненавремено издавање готови документи. Рокот во законот е 15 дена, а МВР не ги издава многу подолго од тоа – велат од канцеларијата на народниот правобранител за „Слободен печат“.

Дополнителниот заменик-министер за внатрешни работи Митко Бојманцалиев деновиве најави внатрешна истрага за да се утврди каде затаил системот за издавање на готовите документи.

– Јас не спорам дека е зголемен бројот на пасошите што се подготвуваат, туку спорам дека има готови пасоши што се во управните служби и не се ставени на соодветно место и не им се дадени на граѓаните и тоа е недозволиво. Вие плаќате, МВР го изработува, експедиција го носи, и кога треба да го земете, некој не ги наредил дали по соодветен број или во правилна просторија, а тоа не е дозволиво – изјави вчера Бојманцалиев во врска со неговото барање.

Тој наведе дека внатрешната контрола утврдила дека се најдени готови пасоши што се погрешно наредени, односно „ако требало да бидат ставени под буквата Б, се ставени под В“.

ДИК предложила на изборите да важат документите што истекле пред девет месеци

Од Државната изборна комисија во изјава за медиумите прецизираа што точно побарале да содржи преодната и завршна одредба со која ќе се штити правото на глас на граѓаните со истечени и невалидни документи.

– ДИК не достави предлог за измената на Изборниот законик во Собранието, туку до работната група што ги подготви измените. Предлогот е доставен пред околу шест месеци и гласи: „За изборите што ќе се одржат во 2024 година, избирачите ќе може да гласаат со лична карта или патна исправа чијашто важност истекла во периодот од девет месеци до денот на одржување на изборите – изјавија од ДИК.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот