Лер трактори

Не се само ер-тракторите во лер. Мирува жабурникот полн со паразити кои цицаат од националното благо или од јавните пари. Во тој жив песок тонат поединци како Ана Петровска и сите што влегуваат во мочуриштето со намера да брануваат.

Владата ја разреши првата државна инспекторка за животна средина Ана Петровска, чија работа внесе парче чист воздух во отруена Македонија. Слават профитери од различен маштап, слободно ќе продолжат да си фрлаат мазут во акумулации, ќе палат трска во езерата, ќе црпат песок од реките, странски инвеститори ќе го загадуваат воздухот.

Полесно ќе се палат и шумите, а сторителите ќе останат непознати. Додека гори од Гевгелија до Старо Нагоричане и од Македонски Брод до Пехчево, се заборава на фактот дека од опожарени дрвја лесно се остварува т.н. имотна корист, кажано со речникот на кривичарите. Не е мал тој црн пазар – околу 70 отсто од домаќинствата во земјава се греат на дрва.

Зад бирократските лавиринти, недејствувањето и неказнивоста, се кријат мафиите со различен предзнак – шумска, градежна, енергетска… Зелените површини стануваат поле за криминален натпревар и за освојување нови територии. Наместо природата, цвета бизнисот од нејзиното уништување.

Смената на Петровска е уште една потврда за кампањското работење во решавањето на горливите проблеми, како што е заштитата на животната средина. Наместо да се гради одржлив систем, се носат одлуки „како што ќе дувне ветрот“. Контролирано, но со променлив правец. Слично како и со ер-тракторите. Прво се штеди на нивно одржување, а откако ќе пламнат горите и кориите, тогаш се поправаат леталата. Ќе можат да полетаат дури во октомври, пред избори. Нема да бидат во лер. Истата фирма-сервисер што беше одбиена, ќе го „лапне“ тендерот, зашто нема друга. Овој пат нема да се прашува за цена, а ќе се „затрупа со лопата“ и евентуален судир на интереси. На радост на корумпирани местачи на јавни повици.

Канадерите ќе проработат, но за да се изгради систем за заштита и спасување, ќе треба да се најде чаре и за старите кабли по бандерите на ЕВН, за недостигот на возила и опрема, за недостигот на вода во резервоарите на возилата (како во Тетово), за беспарицата кога треба да се вработат повеќе пожарникари, за поголеми плати за борците со огнот кои ќе бидат примамливи за регрутација на нови…

Власта жали пари и така помага да се жари-пали. Кога се прави ребаланс на буџетот, први се кратењата на ваков вид трошоци. Општините досега не купуваа противпожарни и амбулантни возила, зашто можеби ќе дојдат како донации од странство. Чекајќи да бидат подновени, возилата за гаснење достигнаа просечна старост од 28-29 години, за разлика од службените лимузини чиј просек е 12 години. Истражувањата покажуваат и дека на секое противпожарно општините имаат по 12 патнички возила. За нив уште има резервни делови, а непосредните оператори со цревата со вода самите „прават делови“ и легнуваат под ФАП-овите од минатиот век за да проверат дали ќе им се откачи тркало на патот кон непристапните шумски предели зафатени од оган.

Има ли државата стратегија како ќе спречува и како ќе се справува со природните катастрофи? Искуства го покажуваат спротивното. На денешен ден пред пет години, загинаа 22 наши сограѓани поради поплавите што го зафатија Скопскиот Регион. Што е променето оттогаш за да не ни се повтори катастрофата? Променето е, само на полошо. Нови одводни канали се затрупани со смет, соголени се шуми од дрвокрадци и создадени се нови суводолици, продолжува бетонизацијата на природата со мали хидроцентрали, се поттикнува ерозија на земјиштето… Пороите и одроните не се единствената опасност. Глобалното затоплување ѝ се заканува на планетата, а нашето локално однесување кон климатските промени само ќе го забрза извесното доаѓање на сушата, а со тоа и пожарите, недостигот на вода и храна, болестите…

Што уште треба да се случи во Македонија за сериозно да се сфати потребата од ефикасен кризен менаџмент кој успешно ќе се справува со последиците од климатските промени? За пет години ни се случи Стајковци, па несоодветната реакција на пандемијата што нè вброи меѓу водечките по смртност од ковид-19, а големите шумски пожари годинава доживуваат кулминација.

Не се само ер-тракторите во лер. Мирува жабурникот полн со паразити кои цицаат од националното благо или од јавните пари. Во тој жив песок тонат поединци како Ана Петровска и сите што влегуваат во мочуриштето со намера да брануваат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот