Леб(н) и игри

Жарко Настоски, новинар и уредник на веб-страницата на „Слободен печат“ / фото: Драган Митрески / СП

Со сите кризи сме „на ти“ и пак некако нѐ фати неподготвени последната криза што ни ја натурија минатата недела – лебната. А, да бевме умни, одамна ќе сфатевме дека ништо не смее да нѐ изненадува – особено што, меѓу разните енергетски и економски кризи, инфлацијата и иселувањето, политичките, меѓуетничките и идентитетските кризи што сме ги искусиле, логично е да очекуваме еден ден да нѐ снајде и криза за леб.

Долги месеци откако оваа насушна намирница-темел во нашата и во исхраната на секоја сиромашна држава, поскапе безмалку двојно, а пекарите и другите компании за храна го „лапнаа“ владиниот „морков“ со субвенционираната струја, Владата одлучи да ја смени тактиката и да посегне по „стапот“. Ова веројатно ќе беше посоодветно уште лани, а сега наликуваше на избрзан потег, барем делумно мотивиран од тоа што многу од овие фирми безобразно ја изиграа државната помош и не ги поевтинија своите производи како што им ветуваа на владините претставници, а тие ветувањата ни ги пренесуваа нам. Оставајќи впечаток повеќе дека ја „крпат“ ситуацијата и ги користат „поволните ветришта“ да повратат нешто од симпатиите на јавноста, отколку дека делуваат со некаква промислена стратегија, на „Илинденска“ одлучија да ја замрзнат цената на лебот на 33 денари во следните три месеци.
Пекарите, индустриските пекарници, на ова одговорија со тоа што го натераа цел измачен и сиромашен народ буквално да ги моли за леб. Ја искористија својата моќна, а со ништо незаслужена позиција на мешетари на последните залаци што многумина нивни соседи, сограѓани… можат да си ги дозволат за воопшто да преживеат. Нечии деца ќе плачат гладни, а газдите сакаат да ги жалиме зашто е можно нивните деца годинава само двапати да одат во Шпанија. Леб имаат, ама не ни го даваат ако им се штрбне од ќарот. А, дел од тој ќар ние им го овозможивме, со наши пари. Што е тоа, ако не е кризно профитерство?

Големите „бизнисмени“, што за ќар нѐ товат со којзнае какви хемикалии во лебот, што секоја година ни продаваат сѐ полесни картон-векни за иста и повисока цена. Сега немале сметка и се закануваат дека ќе ја тужат државата и ќе бараат отштета. Сакаат пак да нѐ одерат и со наши пари да се прават газди. А, убаво им излегуваше сметката цела зима, кога плаќаа струја поевтина од сите нас, баш затоа – кога ќе ни се пријаде леб (за сирење и онака немаме), тие исти газди да се смилуваат и да ни го продаваат поевтино.

Знаеме дека од нив не е за очекување какво било сочувство – бевме овде кога ги создаваа големите фирми, гледавме и на какви начини ги создаваа и ги развиваа. И токму тоа што на многумина од нив им го знаеме „педигрето“ и што сме виделе како никнуваат од мочуриштата на македонското транзициско стопанство, ја прави нивната колосална саможивност уште поодбивна и пострашна во овој вртлог од кризи во кој се давиме.

Секако, тоа бескрупулозно работење само за својот интерес, при што е дозволено да се газат правила, закони и луѓе, е темелната, може и единствената „вредност“ во нашиот економски „систем“. Тој изобличен, ендемски наш капитализам, за чие постоење и грижливо одржување, барем исто колку газдите, се одговорни и политичарите, владее со сите бизниси и сектори. Кај нас, по потреба и желба, политичарите отвораат фирми и стануваат газди, а газдите-мераклии за извршна власт, си плаќаат кај што треба и стануваат функционери. Зар е чудно тоа што во способностите и во волјата на властите од сите бои да ги спроведат законите и да нѐ заштитат нас граѓаните, денес веруваме отприлика колку во чесноста и еснафлакот на нашите стопанственици?

Ајде, лебот никогаш и не бил беспари, ама воздухот? Тој ни е отровен, одамна издаден под концесија на фабриките, на неодредено време. Реките и ридовите? За бадијала им ги даваме на „инвеститори“ да ги газат и уништуваат, да ги користат јавните добра и да си ги полнат приватните џебови. Што ќе ни остане јавно и бесплатно, сонцето? И него ќе најдат чаре да ни го наплатат. Гратис ќе ни бидат само нивните бесконечни, здодевни игри. А, нив на крајот најскапо ги плаќаме.

Но, се оддалечив: Без оглед на тоа дали нешто вакво е запишано во нашите закони или не, можноста да се купи леб за пари е основно граѓанско, човечко право. Во услови како сегашните, властите не само што можат, туку се и должни тоа право да го заштитат. Како знаат и умеат, да обезбедат леб за народот. Нека покажат малку претприемачки дух, нека вложат и самите некој денар. Добро, може да вложи и некој од фамилија, ако е незгодно. Нека отворат, еве… централи за струја. Ама на сонце, не на вода (тие се демоде). Па да видиме после – ако ни дадат добра цена за струјата, ќе си печеме дома сами лепче.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот