Курти за притисоците од Западот: Не може да нѐ уценуваат, ќе се спротивставиме

Косовскиот премиер Албин Курти на заедничка прес-конференција со Јенс Столтенберг / 17 август 2022 / Фото: EPA-EFE/OLIVIER HOSLET

Косовскиот премиер Албин Курти во изјава за француската агенција „АФП“ најави дека ќе се спротивстави „на сите обиди за уцена на Западот во врска со крајниот рок за постигнување договор со Србија“. Деновиве се зголемува притисокот од американските и европските пратеници врз Приштина да се постигне договор со Србија.

Според Курти, Косово сега е соочено со рок да постигне некаков договор со Србија во март и покрај бројните пречки и несогласувања кои негативно влијаат на односите меѓу Белград и Приштина.

„Најголемата пречка е инсистирањето на Белград и потрагата по временска машина. Тие сакаат да се вратат во времето, а тоа не е можно“, изјави Курти за „АФП“.

Според него, „Косово е независна земја и подобро е Србија да го признае“, додавајќи дека таквиот потег веројатно ќе ја олесни интеграцијата на Белград во Европската унија. Курти одговорноста за „ќор-сокакот“ и ја припиша на Србија, велејќи дека тоа е „автократија која негува блиски врски со Москва и продолжува да ја дестабилизира Југоисточна Европа“.

„АФП“ наведува дека Вашингтон се потпира на Курти да попушти по клучните прашања и потсетува дека американската амбасада во Приштина оваа недела побарала итен почеток на работата за формирање на ЗСО.

Дополнително, агенцијата посочува дека Курти не присуствувал на средбата во американската амбасада, што укажува на растечки тензии со САД, како сојузник на Косово.

„Не може да бидеме уценувани. Не смееме да се плашиме. Ние сме храбри луѓе и она што го бараме е фер однос, еднаков третман и меѓусебно признавање“, повтори Курти.

Тој исто така рече дека „не е фер да се врши притисок врз најпроевропската, најпроамериканската и најдемократската земја на Западен Балкан“, и додаде дека тој притисок треба да биде насочен кон Белград.

„Франс прес“ наведува и дека српскиот претседател Александар Вучиќ во своето обраќање до граѓаните рекол дека добил ултиматум од западните земји да ги нормализира односите со Косово или да се соочи со мерки кои ќе и нанесат голема штета на земјата.

„На прв поглед се чини дека многу неверојатно дека Курти и Вучиќ се лидерите кои ќе постигнат договор, а претседателот на Србија јавно го нарече својот косовски колега „терористичко ѓубре“, наведува „Франс прес“.

„Можам да зборувам за ставовите на претседателот на Србија, но не и за неговото образование“, рече тогаш Курти.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот