„Кралицата на ѓубрето“: Поранешна стриптизерка во центарот на најголемиот еколошки скандал во Шведска

„Кралицата на ѓубрето“: Поранешна стриптизерка во центарот на најголемиот еколошки скандал во Шведска / Фото Јутуб

Единаесет луѓе поврзани со компанијата за управување со отпад Тинк Пинк се обвинети за еколошки злосторства во најголемиот еколошки скандал во Шведска во последните 50 години.

Компанија за управување со отпад е обвинета дека незаконски закопувала и фрлала десетици илјади тони отпад на 21 локација во 15 општини ширум Шведска, што довело до пожари, протекување токсични материи и милиони трошоци за даночните обврзници.

Истрагата откри штетно ниво на арсен, диоксин, олово, цинк, бакар и нафтени деривати, а пред три години делови од Стокхолм беа обвиени со чад предизвикан од пожар на напуштена депонија управувана од таа компанија, пренесува Гардијан.

Во центарот на скандалот се успешната претприемачка Бела Нилсон, која себеси се нарекува „кралица на ѓубрето“, и нејзиниот поранешен сопруг Томас Нилсон. Сите обвинети го негираат делото.

Бела Нилсон ѝ стана позната на шведската јавност во 90-тите години кога на ТВ се појави како сопственичка на порно клуб, тогаш под името Изабела Јохансон. Кариерата ја започнала како стриптизерка, што го опишува во нејзината книга „Исповеди на стриптизерката“, пред да замине во светот на т.н. порно клубови.

Наводно, во тоа време Бела Нилсон се поврзувала со озлогласениот шведски порно режисер Карл Серунг и еден од најголемите шведски гангстери Миле Марковиќ. Во 1998 година, Нилсон зборувала за порно клубовите за шведската телевизија.

„Гостите кои доаѓаат овде едноставно сакаат да бидат тепани. Понекогаш плаќаат 15.000 круни за цела ноќ. Звучи чудно, но се случува, ги тепате гостите”, рекла таа низ смеа, со камшик во рака.

Истата година, Бела Нилсон, која неколку пати го менувала своето име, била осудена на три и пол години затвор за серија прекршоци во еден од клубовите. Во едно ток-шоу таа зборувала за нејзините планови по затворската казна.

„Размислував да студирам. Сè уште не сум одлучила, но ако студирам право, можеби треба да аплицирам за работа во Агенцијата за еколошки криминал“, рече таа.

Кога Бела Нилсон повторно се појавила во јавноста неколку години подоцна, таа повеќе не била стриптизерка или менаџерка на порно клуб, туку „кралица на отпадот“.

Во 2018 година, нејзината компанија добила престижна награда што се доделува на компании со брз раст во Шведска.

Веќе следната година компанијата имала промет од 129 милиони круни (11,7 милиони евра), а самата Бела Нилсон зеде дивиденда од акции од речиси 13 милиони круни (околу 1,2 милиони евра). Подоцна беше откриено дека таа го постигнала својот успех со кршење на шведските закони.

Наместо рециклирање, компанијата наводно мелела ѓубре и го натрупувала на депонии, кои биле неколку пати поголеми од дозволеното. Покрај тоа, Тинк Пинк е осомничен дека затрупал дури 10.000 тони ѓубре во земја на неколку локации во Шведска.

Пошироката јавност дозна за оваа компанија во 2020 година по големиот пожар на депонија во Кагамра. Отпадот гореше со месеци и во тој период го загадуваше воздухот како и целиот сообраќај во Стокхолм. Жителите беа загрижени за сопственото здравје, водата и животната средина.

Неколку медиуми потоа почнаа да известуваат за сомнително движење на ѓубре на различни локации во Шведска. Во август 2020 година, полицијата ги уапси Бела Нилсон и нејзиниот сопруг и ја пребара нивната вила јужно од Стокхолм. Во исто време, нивниот соработник од компанијата се обидел да побегне од земјата со лажни документи, но бил уапсен на аеродромот.

Компанијата заврши во банкрот, а милионите круни кои Бела Нилсон ги доби преку дивиденди се чини дека исчезнаа.

Полициската истрага за ова злосторство против животната средина траеше три години и прерасна во најголемо од ваков вид во државата. Прелиминарните резултати од истрагата се испечатени на над 40.000 страници. Бела Нилсон и другите негираат дека сториле нешто лошо.

Според обвинителот Андерс Густафсон, тешките еколошки злосторства може да резултираат со затворска казна од шест месеци до шест години.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот