Крадци оперираат во Припор – за десетина дена ограбени три куќи на една улица

Фото: МВР

Иако кражбите се пријавени во полиција, сепак тие не се евидентирани во дневните полициски билтени.

Крадец пустоши низ куќи во скопската населба Припор. Во изминативе десетина дена мета му биле три куќи. Иако кражбите се пријавени во полиција, сепак тие не се евидентирани во дневните полициски билтени.

Жителите на Припор велат дека стравуваат и за кратко да ги напуштат своите домови затоа што арамиите не се плашат од ништо, не ги спречуваат ни камерите кои луѓето ги поставиле на куќите за да ги заштитат своите домови и на кои се снимени неколку обиди за кражби. Граѓаните се жалат на се почестите кражби во домовите и помошните простори, а цел на крадците најчесто е златен накит.

Во изминативе две недели, на истата улица, три куќи биле ограбени. Оштетените сметаат дека извршените кражби се направени од еден сторител.

Последната кражба се случила во петокот. Оштетената во изјава за „Слободен печат“ вели дека поради кражбите, повеќе не се чувствува сигурна во својот дом, и вели дека полицијата е незаинтересирана во пронаоѓање на крадците.

„Овде живеам 27 години и никогаш не ми се случило нешто вакво, ни на сон. Бев до продавница, и кога се вратив, влезната врата беше отворена, алиштата расфрлени на подот, растурени предмети, и сфатив дека некој влегол. Се исплашив. Во паниката забележав дека е одземен накитот, и резервните паричници и чанти, за кој крадецот мислел дека има пари. Пријавив во полиција, а во меѓувреме од соседите разбрав дека пред неколку дена во две куќи на истата улица имало кражби. Што би се случило доколку бев дома за време на обидот за кражба, или пак се вратам порано од продавница? Не се чувствувам повеќе сигурна во својот дом“, изјави оштетената.

Во полицискиот билтен не може да се пронајде овој случај, па „Слободен печат“ праша во МВР дали знаат за кражбата, по што добивме одговор дека е евидентирана и работат на расчистување на случајот.

„На 03.11.2023 во 21.09 часот во СВР Скопје В.О.(63) од Скопје пријавила дека на ул.„Христо Татарчев“ од страна на непознат сторител насилно била отворена вратата од нeјзината куќа по што бил одземен златен накит и други предмети“, пишува во соопштението од МВР.

Полицијата тврди дека овој крадец е внимателен во тоа што го работи, бидејќи зад себе не оставил ДНК трага. По кражбата, до МВР е доставена видео снимка во кој се гледа крадецот во моментот на влегување во куќата на оштетената В.О.

 

 

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот