Ковачевски на средба со студенти од Харвард и МИТ: Нашата држава и регионот имаат огромни можности за вработување особено за младите

Ковачевски на средба со студенти од Харвард и МИТ /Фото: Влада на РСМ

Промоција на демократските вредности, различните култури и потенцијали на Северна Македонија, размена на искуства и можност за заеднички проекти беше темата на која денеска премиерот Димитар Ковачевски дискутираше со магистранти и докторанти на универзитетите Харвард и Масачусетс Институтот за технологија во САД.

На средбата, како што соопшти прес-службата на Владата, присуствуваа и заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ, како и советничката за дигитализација Маја Ангеловска.

Посетата на студентите на Северна Македонија е поддржана од земјите на Отворен Балкан, во рамките на таканаречената студиска посета „Балкан Трек“, а освен државава, тие ги посетуваат и Србија и Албанија во периодот од 18 до 26 мај.

На средбата, премиерот Ковачевски потенцираше дека нашата држава, како и регионот има огромни потенцијали за можности за вработување особено за младите, во меѓувреме нудејќи можности за инклузивен, транспарентен развој и вработување врз основа на квалитет и знаење со што се стимулираат и директните инвестиции.

Република Северна Македонија, како што истакна премиерот, се докажа како кредибилен партнер на ЕУ и НАТО, придонесувајќи кон зајакнување на регионалната соработка и градењето на светскиот мир.

Ковачевски на средба со студенти од Харвард и МИТ / Фото: Влада на РСМ

Како земја членка на НАТО, потенцираше Ковачевски, Северна Македонија е посветена на регионална соработка, а заштитата на сигурноста и стабилноста на Западен Балкан за нашата држава е приоритет.

Говорејќи за евроинтеграцискиот процес на земјава, Ковачевски оцени дека иницијативите како Отворен Балкан имаат огромен потенцијал во подобрување на економската состојба на Западен Балкан и дека очекува посилна регионална соработка како гарант за мирот и стабилноста во Западен Балкан.

Притоа, тој нагласи дека за Северна Македонија, духот на добрососедството и зајакнатата регионална соработка се еден од столбовите на надворешната политика, која, како што рече, почива на принципите на дијалог и компромиси.

Студентите, на средбата се интересираа за економскиот раст на Северна Македонија, како и борбата со дезинформациите и евроинтеграцискиот процес.

Во рамките на „Балкан Трек“, студентите кои доаѓаат од 17 земји, се среќаваат со највисоки државни претставници на институциите во земјите од Отворен Балкан, а имаат и средби со млади лидери, истовремено запознавајќи се со туристичката, културна и гастрономска промоција на земјите.

Патувањето на студентите е поддржано од иницијативата Отворен Балкан. Исто така, во рамки на посетата, посебен акцент се става на младите од Северна Македонија и во тој контекст се организира вмрежување меѓу 50-те најперспективни млади од Северна Македонија и студентите од Харвард и Масачусетс Институтот за технологија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот